На Институтот за македонска литература одбележани се два јубилеја на писателот Јован Павловски

Институтот за македонска литература (ИМЛ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на 12 октомври одбележа два јубилеја на македонскиот истакнат писател, поет, раскажувач, енциклопедист и публицист Јован Павловски: 85 години од неговото раѓање и 65-годишната творечка дејност.

Собирот го отвори претседателката на Организациониот одбор, проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева  од ИМЛ, а за творештвото на Павловски беше прочитан реферат на акад. Катица Ќулавкова (МАНУ) на тема „Поетското творештво на Јован Павловски видено низ призма на неговите митски, историски и поетски слики“.

Со свои текстови учествуваа и проф. д-р Наташа Аврамовска за романот „Град, години, луѓе“ на Павловски во излагањето со наслов „Правта и ѕвездите“, проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева на тема „Романескниот опус на Јован Павловски“ и проф. д-р Гоце Смилевски, кој зборуваше на тема „Роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија: ‚Сок од простата‘ од Јован Павловски“.

Како поет, раскажувач, романсиер, писател за возрасни, писател за деца и млади, хроничар – документарист, енциклопедист и публицист, Јован Павловски создаде богат и разновиден опус, кој има свое значајно место во летописот и во тековите на современата македонска литература.

Дебитираше со стихозбирката „Август“ во 1961 година, а потоа објави низа поетски книги, меѓу кои се: „Медеја“, „Идентитет“, „Ментален простор“, „Одработен страв“, „Строгоста на живеењето“ и други.

Автор е на романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, „Сок од простата“, „Проверка на слободата“, „Град, години луѓе“ и други. Павловски има објавено и повеќе документаристички дела, меѓу кои: „Блиско сонце“, „Гемиџиите“, „Ѕвездена прашина“, „Огнено семејство – Спомени на Лика Чопова“, „Ние на Татковината ѝ должиме сѐ, а таа нам ништо!“, „Судењата како последен пораз“, „Кажувања“, како и публицистичките: „Бев со нив“, „Од онаа страна на границата“, „Од првична идеја до држава“ (коавтор: Мишел Павловски) и други. Неговото творештво е преведено на повеќе од 20 јазици во светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот