Без надзор, елаборат и документација се поставувала електричната инсталација во Модуларната болница во Тетово

Фото: Слободен печат

Постапката за изведување на електричната инсталација во модуларната болница во Тетово не е изведена согласно прописите, сведочеше Ирфан Шаќири, вештак од електротехника на денешното судско рочиште во Основниот суд во Тетово.

Како што посочи пред одбраната, обвинителството и судијата Јордан Велков, самиот чин на приклучување на објектот во електричната мрежа е изведен од двајца вработени од Клиничката болница Тетово, без никакви документи и елаборат кои се потребни.

„И работата и изведувањето се одвивало без надзор од овластени електроинжинери. Самиот чин на полагање на проводникот е без пресметка , целата постапка од вработените на ЈЗУ Клиничка болница Тетово била без надзор од овластени и стручни лица, кои се должни и специјализирани за оваа работа. Објектот проектиран од БРАКО е монтиран, според нив, како што се барало од Министерство за здравство, според нивната изјава, нивна должност била само да го изготват и монтираат на дадената локација. Од нивна страна во однос на електричната инсталација нема елаборат, бидејќи според нив, никој не барал такво нешто “, сведочеше вештакот Ирфан Шаќири.

Ако стандардите би биле запазени, тешко дека би можеле до дојде до струен удар, додаде вештакот.

„Да констатирам дека целата постапка во изведувањето на електричната инсталација во модуларната болница е реализирана со недостатоци на голем број документи кои се потребни за ваков тип на работа. За ваков тип на објекти постојат и европски стадарди каде на прецизен начин се дефинираат процесите на поставување на електрична инсталација’, сведочеше вештакот Ирфан Шаќири.

На денешното рочиште беа презентирани и дел од писмените докази на одбраната.Адвокатот на првообвинетиот во случајот, Флорим Бесими посочи дека еден од договорите кој го има склучено Клиничка болница Тетово докажува дека во болницата имало ПП апарати, а во договорот стои дека таа била надлежна и за одржување на тие апарати.

Исто така болницата имала договор за заштита од пожари, како и одлука за формирање на единици за заштита од пожар.

Во писмените докази на одбраната на третообвинетиот доктор Бобан Вучевски беше посочено дека поседуваат докази, односно цедиња со прилози, со кои се докажува дека доктор Бобан Вучевски не бил раководител на модуларната болница.

Пред да започне судскиот процес пред Основниот суд во Тетово и денеска се одржат протест за подршка на доктор Вучевски.

Фото: Слободен печат

„Дојдовме да му дадеме подршка на човекот кој стана синоним за доброта и професионалност, многу од него можат да учат во смисла на лекарска етика. Тој наместо да биде во амбулантите и одделенијата, тука чмае по судовите. Повикувам на поголема масовност на наредните протести. Знаеме какво е судството ќе трае овој процес, да извршиме притисок, да побараме ова судење да има крај и да биде позитивно, дека неговото место е во амбуланта каде треба да лечи. Да не дозволиме да биде еден од тие кои што побегнаа од Македонија“,рече Марин Најдов еден од учеснците во протестот.

Во случајот модуларна болница, Тетовското Обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот