На денешен ден – 27 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

– Светски ден на холокаустот

1814.- Во Берлин умрел Јохан Готлиб Фихте, германски филозоф, еден од водечките претставници на германскиот класичен идеализам. Од делата познати му се „Наука на знаењето“, „Основа на целокупната теорија на науката“ и „Основа на природното право“. Роден бил на 19 мај 1762 година.

 

1822.- На собранието во Епидаур грчките востаници ја прогласиле независноста на Грција која Османлиското царство ја признало дури во 1829 година, по жестоките борби и интервенции на европските сили.

1832.- Роден е германскиот филозоф Фридрих Вилхелм Шелинг кој заедно со Кант, Фихте и Хегел се творци на германскиот идеализам. Дела: „Идеи за филозофија на природата“, „За светската душа“, „Прв нацрт на системот на природна филозофија“, „Предавања за филозофија на уметноста“, „Излагање на мојот систем на филозофија“ „Филозофија и религија“, „Филозофија на митологијата“ и др.

1859.- Роден е германскиот цар и пруски крал Фридрих Вилхелм II Виктор Алберт, творец на политиката на продорот на исток и предизвикувач на низа воено-дипломатски кризи, вклучувајќи ја и објавата на војна против Србија во 1914 година со што настана неизбежната светска војна. На престолот на Германското царство стапил во 1888, а во 1918 година по поразот на Германија бил принуден да абдицира и побегне во Холандија, која одбила да го испорача на сојузниците поради судење за воени злосторства.

1865.- Шпанија ја признала независноста на Перу.

1885.- Роден е американскиот композитор Џери Керн, татко на мјузиклот. Неговата оперета „Пловечки театар“ е една од најубавите во историјата на американскиот театар. Компонирал и филмска музика.

1901.- Во Милано умрел Џузепе Верди, италијански композитор, еден од најголемите творци на опери во 19 век. Земајќи за свои либрета дела од големите писатели (Иго, Шекспир, Бајрон и други), компонирал повеќе опери што му донесле светска слава. Неговите најдобри опери „Аида, „Риголето“, „Трубадур“, „Травијата“ и други се наоѓаат и денес на репертоарите на оперските куќи во целиот свет. Роден бил во Ронколе, на 10 октомври 1813 година.

1919.- Умрел унгарскиот писател Ендре Ади. Дела: „Нови песни“, „Крв и злато“, „Би сакал да ме сакаат“, „Кој ме виде?“, „На чело на мртвите“.

1924.- Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Рим го потпишало пактот за пријателство и соработка со Италија и договорно Фиуме (Риека) и припаднала на Италија.

1926.- Англискиот пронаоѓач Џон Логи Берд во Лондон за првпат јавно ја демонстрирал телевизијата.

1944.- По дводневни тешки борби била разбиена германската блокада на Ленинград. Она што го издржал Ленинград е единствено во историјата, бидејќи во јулските денови во 1941 година во германскиот обрач се наоѓале околу три милиони граѓани, од кои половина милион деца.

1945.- Црвената армија го ослободила Аушвиц, најголемиот и најстраотниот логор во Втората светска војна. Во логорот останале околу 7.000 затвореници кои Германците во брзањето не стигале да ги погубат. Во гасните комори на Аушвиц биле убиени, вклучувајќи деца и жени, најмалку 1.500.000 луѓе, повеќето Евреи.

Фото: Википедиа

1949.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар, била прикажана првата балетска претстава „Валпургиска ноќ“ од францускиот композитор Шарл Гуно. Кореограф бил Ѓорѓи Македонски, диригент Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ Цицо, а нацртот на костимите бил на Милица Бабиќ – Јовановиќ.

1964.- Франција воспоставила дипломатски односи со Кина.

1967.- Подготвувајќи се за лет на Месечината, тројца американски астронаути загинаа во вселенскиот брод „Аполо 1“, во кој избувна пожар.

1967.- Советскиот Сојуз, САД и 60 други земји потпишале договор за забрана на нуклеарни експерименти во стратосферата.

1991.- Американската авијација во Заливската војна започнала масовно бомбардирање на Басра, втор по големина ирачки град.

1991.- Собранието на Република Македонија со тајно изјаснување и со мнозинство гласови за претседател на Републиката го избрало Киро Глигоров.

1993.- Во селото Бистрица, Битолско, умрел Благоја Фотев, учесник на Првото заседание на АСНОМ, прв повереник за финансии, а потоа и за земјоделство во Владата на НР Македонија, а од 1947 до 1950 година претседател на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија (на оваа функција пред него бил Методија Андонов – Ченто). Бил борец за идеите на ВМРО (обединета) и активен популаризатор и толкувач на идеите на движењето МАНАПО. Роден бил во селото Герман, Леринско, на 14 август 1900 година.

1995.- Република Молдавија и Република Македонија воспоставиле дипломатски односи.

1995.- Во Скопје умрела Лилјана Белева, македонска писателка. Познати и се делата „Моето парче земја“, „Жолтата амфора“ и „Перниче од ружи“. Родена е во Заечар, на 23 март 1940 година.

2002.- Во експлозија на складиште на оружје во главниот град на Нигерија, Лагос, загинаа повеќе од илјада луѓе.

2006.- Умре германскиот политичар Јоханес Рау, поранешен претседател на Германија и долгогодишен министер, како и претседател на покраината Северна Рајна Вестфалија.

2008.- Умрел поранешниот претседател на Индонезија Сухарто. Генерал Сухарто, кого симпатизерите го нарекувале „татко на развојот“, на чело на земјата останал цели 32 години. Од друга страна, бил обвинуван за бруталност кон неистомислениците, како и за корупција и злоупотреба.  Бил симнат од власта на 21 мај 1998 година, во екот на економската криза и масовните протести во Џакарта.

2017.- Починала проф. д-р Лилјана Тодорова, поранешен декан на Филолошкиот факултет, каде што предаваше француска, франкофонска и компаративна книжевност, истакнат македонски романист, книжевен компаратист, теоретичар и дипломат. Тодорова докторирала во 1971 година на тема Гзавие Мармие и Јужните Словени која е прогласена за лауреат на Академијата на науките и на уметностите на Безансон и Франш-Конте во Франција. Проф. д-р Лилјана Тодорова беше првата жена амбасадор од Македонија која во периодот од 1986-1990 година ја извршуваше должноста на вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Република Гвинеја, Република Гвинеја-Бисао и Република Сиера Леоне во Западна Африка. Одликувана е со југословенскиот Орден на трудот со златен венец од претседателот на СФРЈ (1979) како и со високите француски ордени: Витез на Легијата на честа од претседателот на Франција (1983); Командант од редот на Академските палми од Француската влада (1984). Како извонредно творечка личност, проф. д-р Лилјана Тодорова е заведена во Општата енциклопедија на Просвета од 1986 г. како и во енциклопедијата на Жени творци во светот објавена под покровителство на УНЕСКО во 2013 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот