МЗ: Процесот за купување вакцини е законски, без никакви недоследности или пак провизии кои ги измислува ВМРО-ДПМНЕ

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Министерството за здравство соопшти дека уште од самиот почеток за време на водење на преговорите, набавката и текот на испорака на вакцините, транспаренто ги информира граѓаните за целиот процес.

За законитоста на целиот процес, говори самиот факт што договорите, како и плаќањата на сите набавени вакцини поминуваат на затворена седница на Влада. Ова доволно кажува колку процесот за купување вакцини е законски, без никакви недоследности или пак провизии кои ги измислува ВМРО-ДПМНЕ. Исплатите кои Министерство за здравство ги врши се транспарентни и објавени на страницата на отворени финансии. Тоа што Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска, го споделил пред медиумите, претставувајќи го како афера, или документ до кој дошол, е достапен податок на секој граѓанин кој би ја отворил страницата на open.finance.gov.mk , стои во реакцијата на Министерството.

Од Министерството потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ во март пласирало фалсификуван документ, тврдејќи дека Министерството за здравство на 21 јануари, платило 12,5 милиони евра за набавка на вакцини, а денеска со документ испринтан од сајтот на отворени финасии каде се сите исплати на Министерството тврди дека Министерството во февруари, платило 7,8 милиони евра за вакцини.

-Многу непрецизно за еден прецизен математичар како што милува да каже за себе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Министерството за здравство многу пати досега информираше дека клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините против Ковид 19 е тоа што секоја држава па и нашата се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации. Сумите за набавка на вакцините против Ковид-19 се деловна тајна на производителите и нашата земја се обврзува да го почитува тоа, бидејќи во спротивно нема да бидеме во можност да купиме вакцини, се посочува во реакцијата.

Од Министерството наведуваат дека „се убедени оти манипулативните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат една единствена цел да фрлат дамка на еден транспарентен процес и се обидуваат да наштетат на процесот на имунизација”.

-Партијата на Мицкоски во серијата измислици и за вакцините набавени преку Ковакс механизмот ги лажеа граѓаните дека биле донации. Темите за пресконференции на ВМРО-ДПМНЕ се повеќе се трошат. Жалиме што ВМРО ДПМНЕ не се радува што во нашата земја непречено се одвива процесот на имунизација. Жалиме што на Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ им сметаат насмеани лица на граѓани задоволни од третманот од здравствените работници во вакциналните пунктови. Вчера во нашата земја стигна нова пратка вакцини купени во директни преговори со производителот „Фајзер”, секој нареден понеделник ќе стигнува нова пратка. Минатата недела во земјава стигнаа 200.000 вакцини од производителот „Синофарм” кои Министерството за здравство ги купи со директни преговори. Тоа се фактите, тоа не се измислени фалсификувани афери, тоа што го работи МЗ, се гледа и граѓаните го чувствуваат тоа, стои во реакцијата на Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот