МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи со концепт што наметнува потреба за подобар театар

Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот

Девет претстави во официјалната програма, седум од независната продукција, две од придружната програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни.

Програмата на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ на прес-конференција, што се одржа на 15 мај во Прилеп, ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска ја конципираше програмата во четири селекции: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма. Концептот што ги обединува избраните претстави е со наслов „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“.

Прес-конференција за 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

– Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои денес се соочува театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба денес да е театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначаен македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт што треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар.

Во суштина, она што доминира во мојот избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н. класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Во официјалната програма на фестивалот се селектирани претстави на НУ Македонски народен театар, Драмски театар Скопје, НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Народен театар Битола, Албански театар Скопје, Народен театар Охрид, Театар за деца и младинци Скопје и Театар Комедија Скопје.

Во придружната програма има претстави во продукција на Турски театар Скопје и Народен театар „Антон Панов“ од Струмица. Од независната продукција што игра домашни автори селектирани се претстави на режисерите Филип Петковски, Драгана Гунин, Милош Б. Андоновски, Дејан Спасовиќ, Јован Ристовски и продукција на „Артопија“. Комплетната програма е достапна на редизајнираната веб-страница на фестивалот: www.mtf.com.mk.

Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна Ана Стојаноска во своето образложение на програмата.

– Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и, пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави со македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори – рече Стојаноска.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Годинава тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска, исто така, ја најави програмата „Автор во фокус“, што првпат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист и општествен деец.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот