Можен е договор со техничката, кој ќе чека параф од идната влада?

Зоран Заев и Румен Радев/ Фото: МИА

Најверојатно утре премиерот Заев во Софија ќе се сретне со колегата Јанев и со претседателот Радев, со кои, како што најави, ќе разговара детално за патоказот, за работата на мешаната комисија и за креативните решенија содржани во португалскиот предлог.

Не очекувам на самитот на ЕУ на 22 јуни да се реши проблемот со Бугарија, пред сѐ затоа што таму има техничка влада и нема парламент, но верувам и дека деновиве може да постигнеме некаков договор и заклучоци што подоцна ќе бидат усвоени и од идната бугарска влада, рече вчера премиерот Зоран Заев, по учеството на самитот на НАТО во Брисел, каде што завчера имаше средби со повеќе светски лидери, како и со бугарскиот претседател Румен Радев. Премиерот најави дека најверојатно утре или в петок ќе замине во Софија на средби со бугарскиот државен врв, со претседателот Радев и со техничкиот премиер Стефан Јанев, на кој очекува, како што рече, детални разговори.

– Имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши проблемот, Бугарија има техничка влада и нема парламент, но не е невозможно. Ова го кажувам за да не ги кревам очекувањата на граѓаните, но имам одговорност да кажам и дека  наша должност е да направиме сѐ, па ако е можно и да направиме и да заклучиме договор што би бил ратификуван од наша страна и од идната бугарската влада и парламент. Важно е дека бугарската страна не ги оспорува автентичноста, потврдата и постоењето на македонскиот јазик и идентитет и за таа тема не се разговара – рече вчера премиерот Заев.

 

Состанокот со Радев бил корисен

 

Тој објасни дека на средбите во Софија ќе зборуваат за неколку теми – патоказот, односно акцискиот план за секторска соработка, интензитетот на средбите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и за, како што рече, креативниот дел од португалскиот предлог за надминување на спорот. 

– Многу важен беше состанокот со Радев, како продолжение на состанокот што тој го имаше со претседателот Стево Пендаровски. Продолжуваме во детали да го утврдиме водењето грижа за важните работи за Северна Македонија од португалскиот предлог и го дефинираме „роуд мап“, односно ја утврдуваме динамиката изразена во месеци и во години за секторската соработка за железници, економија, туризам, млади, спорт, образование. Зборуваме и за креативниот дел од португалскиот предлог за да може конечно пријателска Бугарија да ни даде „пас“ за закажување на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите за членство преку усвојувањето на преговарачката рамка – рече вчера Заев.

Тој сподели дека е убаво да се биде членка на НАТО и дека чувството е прекрасно да се биде сојузник и рамо до рамо со светските лидери. Тој додаде дека на самитот разговарал со повеќе светски државници, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон „за темата што е важна за нас“ и овие средби ги оцени како подготвување на амбиентот „за да чекориме понатаму“.

– Повеќе од десетина минути траеше средбата со претседателот на САД, Џо Бајден. Разговараме за стратешкото партнерство помеѓу нашите две земји и за поддршката што тие ни ја нудат. Имав можност да поканам американски компании да инвестираат во С Македонија. Дел од нив веќе имаат инвестиции во нашата земја. Најважно беше да го поканиме Бајден да ја посети С Македонија. Тој загуби син на овие простори и порача дека со задоволство ќе направи напори да ја посети нашата земја – истакна Заев.

И во интервју за МИА по самитот на НАТО, тој рече дека исчекорот што се очекува на 22 јуни е да нема вето од Софија и дека нема план Б.

 

Османи ќе претстави пред пратениците за што се разговара со Бугарија

 

Посетата на Заев на Софија се случува на неколку денови пред состанокот на Советот за општи работи кога се очекува дали Бугарија ќе го тргне ветото што го стави на претходниот самит во декември на преговарачката рамка, со што ги блокираше нашите преговори за членство во ЕУ. Според владината прес-служба на средбата во Брисел бугарскиот претседател Радев ја повторил принципиелната и континуирана поддршка на Софија за иднината на РС Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања.

– И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан – соопштија од Владата.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи во Брисел го продолжи лобирањето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и во Брисел се сретнал со колешката од Холандија Сигрид Кааг, со која освен за безбедносните предизвици, разговарал и за европското досие на Македонија.

Министерката Кааг истакнала дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија, а Османи го поздравил холандскиот „строг и фер“ принцип што „значително помага во спроведување на реформската европска агенда и спроведување на европските стандарди“.

Османи денеска се очекува на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи да реферира за текот на разговорите со Бугарија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека протестите ќе прекинат ако Османи се појави пред пратениците и реферира за содржината на Патоказот.

 

Нема договори во четири очи со Кина

 

Премиерот Зоран Заев вели дека како мала земја сакаме пријателство со сите и дека градиме пријателство и соработка и со Кина и со Русија, но како членка на НАТО докрај ги почитуваме принципите на Алијансата.

– Северна Македонија е целосно на линија на развиените демократии, не се споредувам тука со земјите од Западен Балкан, туку со соработката што ја има Америка со Кина, една Германија, една Франција итн. Кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, нема договори во четири очи… Кај нас компетитивноста и европското законодавство се императив. И тоа е така. Кинеска фирма може да работи ако победи на тендер, во четири очи нема. Мора да има компетитивност – рече премиерот во интервју за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот