Младите сè почесто заболуваат од рак: Глобалните статистики и податоците од онколозите укажуваат на загрижувачки тренд

Фото: Pexels

Глобалната статистика и податоците од онколозите и научниците ширум светот укажуваат на загрижувачки тренд на зголемување на инциденцата на малигни заболувања кај помладите луѓе на возраст меѓу 35 и 50 години.

Моделите направени врз основа на достапните податоци укажуваат дека различни видови рак, кои порано биле карактеристични за популацијата над 60-годишна возраст, сè повеќе им се закануваат на помладите, како и дека во периодот од 2019 до 2030 година, бројот на заболени од рак од таа возрасна група ќе се зголемат за дури 30 проценти, открива новата студија на Глобалната опсерваторија за рак (GLOBOCAN), пренесува научното списание „Нејчр“ (Nature).

Нема јасни причини за овој тренд

Се нагласува дека научниците не успеале да најдат јасни причини за овој тренд.

Прекумерната дебелина, уживањето во тутунот, консумирањето преработена храна или неефикасната здравствена контрола и превенција не се причините за ваквото драстично зголемување на болестите кај помладите, вели гастроентерологот Соња Капфер и додава дека причините за овој загрижувачки тренд мора да се бараат во серија на моментално нејасни фактори и околности, вклучително и генетска предиспозиција.

Ова истражување покажува дека на глобално ниво, инциденцата на рак кај луѓето помлади од 50 години е сè уште релативно скромна, но дека со текот на годините постојано се зголемува. Податоците покажуваат дека бројот на млади заболени од рак се зголемил за 28 отсто меѓу 1990 и 2019 година, а смртноста од оваа болест е во пораст.

Фото: Pexels

Најчест е ракот на органите за варење

Во овој сегмент од светската популација најчест е ракот на органите за варење, а нагло зголемување е забележано особено кај колоректалниот карцином, панкреасот и желудникот.

Во Соединетите Американски Држави, каде што се води ригорозна статистика за бројот на заболени и трендот на зголемување на оваа болест, од 1990 година евидентиран е пораст од два отсто на рак на матката годишно кај лицата помлади од 50 години, а одделни податоци од 2016 до 2019 година бележат пораст на рак на дојка кај младите за 3,8 отсто годишно.

Нагласено е дека трендот на ширење на оваа болест е поголем кај младите жени отколку кај мажите, со показател дека ваквите трендови најмалку се изразени кај белците, а нешто повеќе кај Хиспанците, црнците и Индијанците.

Според достапните глобални статистички податоци, највисока стапка на рак во светот има Данска, каде што се забележани 335 случаи на различни видови на рак на 100.000 жители, а потоа следат Ирска, Белгија, Унгарија, Франција, Холандија, Австралија, Норвешка и Словенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот