Министерот Спасовски во Охрид и Вевчани: Максимални напори за подобрување на условите за работа на полицијата

фото: Слободен печат

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Охрид и регионот, при што оствари средби со раководителите на полициските станици на Езерската полиција, за Граничен надзор во Свети Наум, како и со градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски.

Спасовски рече дека функционалноста и ефикасноста во работењето на двете полициски служби е на задоволително ниво, со заложби за натамошно квалитативно подобрување.

– Од посебна важност е и степенот на безбедност во сообраќајот дотолку повеќе, што станува збор за исклучително фреквентен сообраќаен регион. Дополнително, пред сè Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, покрај обврските од аспект на граничниот надзор, има задолженија поврзани и со поконкретна заштита на езерото, особено рибниот фонд овде во Охрид, но и во Преспа, а воедно треба да се има во вид и фактот дека обемот на работа на Граничниот премин „Свети Наум” од година во година бележи благ пораст. Свесни за важноста и улогата на припадниците на полицијата, ние како раководство ќе сториме се во рамки на законските и финансиски можности да овозможиме што е можно поквалитетни предуслови за работа – истакна Спасовски.

После средбата со градоначалникот на Вевчани, Спасовски истакна дека идните планови предвидуваат зајакнување на капацитетите, во насока на подобрување на состојбата и на планот на опремување на службата, но и во делот на човечки ресурси.

– Очекувам наредниот период да го искористиме да помогнеме и да подобриме одредена состојба и во реализација на Општина Вевчани и заеднички преку активирање на советите за превенција, преку активна соработка на локалните заедници и полицијата да го подигнеме и нивото на безбедност во регионот – рече Спасовски.

Нагласи дека останува максимално посветен на активностите за подобрување на условите за работа на полицијата и реализација на плановите до формирањето на техничката влада да заврши реконструкцијата на последниот од предвидените 40 полициски објекти, набавка на опрема за заштита на Охридското Езеро, зголемување на платите на вработените во МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот