
Милевски: Задоволен од играта во одбрана, но не и во организација на играта
Фудбалската А репрезентација на Македонија ја сопре Белгија во Гент, одигра 0:0 и освои голем бод со кој го задржа и првото место на табелата во пресрет на последните два натпревари од квалификацискиот циклус за СП 2026.
Препорачано
Селекторот Благоја Милевски е задоволен од освоениот бод, ремито против моќната Белгија, но вели дека сме потфрлиле во организацијата на играта, иако за тоа влијаеше и силата на Белгија.
Еден од столбовите во одбраната, Висар Муслиу поради повреда мораше да го напушти теренот, но Милевски се надева дека ништо не е сериозно:
– Можам да бидам задоволен од играта во одбрана, но не и во организација на играта. Извлековме максимум од овој натпревар, иако планот беше да имаме поголем посед, да играме и кон напред. Секако дека и противникот влијаеше на нашата игра. Белгијците имаат одлични играчи во средниот ред. Најважно е дека вечерва го имавме тој „фактор икс“. Да издржиме до крај и кога се браниме, да покажеме карактер.
Среќни сме, останавме на првото место и сега треба да се фокусираме на следниот меч против Казахстан, и тоа веднаш. Се надевам дека не е ништо сериозно со Висар Муслиу, но ќе знаеме по 24 часа кога ќе може да се скенира повредата – изјави селекторот Милевски на прес – конференцијата по натпреварот во Гент.