Мицкоски: Нашата пролет е за метла на Заев

Христијан Мицкоски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонска пролет, македонска офанзива, будење, нова политика, пресврт… Многу слични изрази искористија партиите за да ги најават своите претстојни активности, посегајќи по пролетта како синоним за будење и промени. Како инспирација за опишување на претстојната партиска „офанзива“, пролетта се најде и во речникот на Програмата на реизбраниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Неговиот опонент Христијан Мицкоски смета дека не е најстрашно што социјалдемократите ја копираат терминологијата на ВМРО-ДПМНЕ, туку што не ги реализираат најавените активности.

– Јавноста се изнаслуша различни најави за некакви акции на власта. Најпрво тие беа дека ќе се случела некаква чистка и раскрстување со компромитираните кадри во власта, па потоа онаа изјава на Заев пред изборите дека ќе правел операција ‘метла’, по што ништо не се случи ниту од чистката ниту од метлата. Откако во неколку наврати најавувам македонска пролет, гледам дека и Заев најавува некаква пролетна офанзива на промена на компромитирани кадри. Притоа ве уверувам дека не е најлошото што ја копираат терминологијата од ВМРО-ДПМНЕ, туку што и по овие најави освен фасадна рокада во неколку ресори нема ништо суштински да се случи, вели за ДВ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Да се затвори поглавјето на транзицијата

Без разлика дали и кој од кого „ја позајмил“ терминологијата, евидентно е дека и оваа пролет ќе биде жешка: Собранието и натаму е блокирано, вкрстени се копјата со голем број забелешки за претстојниот попис, за справувањето со корона-кризата, за справувањето со економските последици од неа, за набавката на вакцини… Партиите за свои потреби го мерат пулсот на граѓаните, ги анализираат точките на ранливост, се подготвуваат за есенско мерење на силите, но не само за локални избори. ВМРО-ДПМНЕ бара и предвремени парламентарни. Есенските приноси на партиите ќе зависат и од она што тие ќе го „засејат“ пролетва.

Каква е разликата помеѓу пролетната офанзивата на СДСМ и македонската пролет на ВМРО-ДПМНЕ?

– Разликата помеѓу најавената пролетната офанзива на Заев и македонската пролет на опозицијата, е што оваа што ја најавуваме ние е за промена на власта, на оние кои донесоа разочарувања, порази и туркање кон дното, и не може да донесат никаква офанзива. Нашата пролет е за метла на Заев. Македонската пролет на опозицијата значи и раѓање на нова надеж, нови луѓе во политиката, давање на шанса на новата автентична генерација македонски политичари израснати во време и услови необременети со стари долгови, опашки и условувања. Време е да се затвори поглавјето на транзицијата и сѐ она што претставува темна страна на македонската политика, чии што последни претставници се ликовите како Заев и Шекеринска. Македонската пролет е за промена на тие луѓе и принципи, или невредностите и непринципите кои тие ги застапуваат, вели Мицкоски.

Но, како што потенцира тој, македонската пролет значи и многу повеќе: ВМРО-ДПМНЕ да биде помеѓу народот, на улиците, канализирање на незадоволството на народот против власта.

– Тоа е будење на народот за соочувување на нашата земја, институциите и вредностите во кои веруваме. Протести ќе има, ќе има и многу други работи, коишто, дозволете да бидат соопштени благовремено. Оваа власт ќе падне, и ќе падне од народот. Ако Заев е доволно разумен, ќе сфати дека единствената опција е една техничка влада составена од експерти која ќе треба да организира предвремени парламентарни избори, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ги издржа досегашните повици за негова смена, а под образложение „заради влошена епидемиолошка состоба и доцнењето со техничките подготовки“ деновиве беше одложено и одржувањето на вонреден конгрес на партијата најавен за 28 март. Со тоа раководството на ВМРО-ДПМНЕ влегува во пролетните активности растоварено од инцијативите на внатрешната опозиција, кои во партијата ги книжеа како активности под покровителство на СДСМ.

Пролетен бран на инфекции и блокади

Во владејачкиот СДСМ, во моментов главната битка е насочена да се одржи пламенот на работа во парламентот. Се жалат дека ВМРО-ДПМНЕ ја кочи работата на Собранието, и дека таквото деструктивно однесување ќе ѝ се одрази на опозицијата и на локалните избори.

– Освен законите кои се наоѓаат на пленарни седници, ВМРО-ДПМНЕ ги кочи и законите кои се распределени во комисиите, онаму каде оваа партија има претседатели. Тоа покажува дека единствена задача на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е да кочат сѐ што е во интерес на граѓаните, изјави пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

– Што правиме во комисиите коишто согласно методологијата ги водат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и како претседатели, но и како заменици на комисиите? Токму таква е Комисијата за финансирање и буџет. Зошто се кочат закони, како, на пример, Законот за заем за модернизација на земјоделието? Како тие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ коишто доаѓаат од Ресен, Струмица или од тие региони ќе се оправдаат пред граѓаните дека кочат закон каде се предвидува изградба на регионални откупни пунктови коишто се важни за луѓето кои се занимаваат со земјоделие од овие региони?, праша Костадинов.

Тој обвини дека сите опозициски партии во Собранието се посветени на блокада на работата на Парламентот, дејствувајќи директно на штета на граѓаните кои ги избрале.

– Политички, многу е лесно да кажам, дека со сигурност тоа ќе се одрази на наредните локални избори. Но, што правиме сега? Сметам дека е време да се издигнеме над партиските интереси, да се ставиме во функција на граѓаните. Сме немале кворум затоа што сме имале позитивни и болни пратеници, имаме и веројатно дека ќе продолжиме да имаме, тоа не можеме да го предвидиме, рече портпаролот на СДСМ.

Пратеници од повеќе опозициски партии вчера ја иронизираа состојбата: „Ако од власта декларираат дека имаат мнозинство, нека си обезбедат кворум“.

Велат дека целта не им е да предизвикаат штета на граѓаните, туку да ја демаскираат лажната големина на мнозинството.

Ваквата состојба може да стане неодржлива, бидејќи не може да се предвиди дали и други пратеници од тенкото мнозинство може да бидат засегнати од ковид-19 или да имаат потреба од изолација. Во овој случај пролетта не носи толку надеж, колку страв од пролетен бран.

Преземено од Дојче Веле.

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот