Метанот – решение за автобуси и тешки дизел-возила

МАКПЕТРОЛ ИНФО-ПОИНТ

Производителите на метански уреди за возила нудат конвертирање на дизел-возилата со што се овозможува нивен погон на смеша од дизел и метан. На тој начин дизел-возилата стануваат значително поекономични и, што е уште поважно, поеколошки.

Според производителите со инсталирање на DDF систем дизел + метан на конвенционално дизел-возило се добива до 12 процента намалена емисија на CO2 гасови, до 40 проценти помала емисија на ПМ честички и до 22 процента заштеда на трошоци за гориво.

Пренамената на комбиња и товарни возила на дизел + метан не ги намалува перформансите на возилото и е погодно за приватни и за службени возила. Кај комбињата со тежина до 3,5 тони замената на дизел-горивото е 50 проценти, додека кај средно тешките до 10 тони и тешките товарни возила над 10 тони замената на дизел-горивото изнесува 45 проценти.

Од компанијата препорачуваат дека со конвертирање на DDF системот на конвенционално дизел-возило и, истовремено, со користење на биодизел и биометан значително може да се намали емисијата на штетни гасови од секојдневната употреба на возилото со ниска и брза инвестиција.

Јавното транспортно претпријатие на Виена од 60-тите години на минатиот век работи на приспособување на флотата автобуси на течен нафтен гас како алтернативно гориво. Моментално сите автобуси на претпријатието „Wiener Linien“ се целосно на гас. Во 2005 година компанијата МАН во соработка со „Wiener Linien“ разви и претстави нова генерација на мотор со течен нафтен гас со емисија на штетни гасови што е за 50 проценти под еуро 5 стандардот, што е на сила од 2008 година. Истовремено, со новиот мотор е намалена потрошувачката на гориво и емисијата на CO2 во споредба со постарите мотори, а, притоа, е постигнато и намалување на бучавата. За ваквите вложувања компанијата е добитник на наградата за животна средина од градот Виена во 2006 година.

Градот Скопје веќе набави 33 нови нископодни автобуси на гас метан од германскиот производител МАН со еуро 6 стандард. Според постигнатата цена на тендерот еден единечен автобус чини 263 илјади евра, а зглобните автобуси по 334 илјади евра. Според најавите на градските власти со новите еколошки автобуси годишно ќе се прави заштеда од 25 илјади евра за гориво и ќе испуштаат 0,04 грама на километар ПМ честички, што е и до 90 проценти помалку загадување.

Според податоците на Државниот завод за статистика во 2018 година на нашите патишта имало 3.201 автобус, од кои 3.006 биле на нафта, а само 40 користеле бензин – гас.

На патиштата во Европската Унија имало околу 770 илјади автобуси, од кои 30 проценти биле во Полска и Италија. Просечната старост на автобусите во Европската Унија била 11,4 години. Најнови автобуси има Австрија со просечна старост од 5,4 години, а најстари автобуси има Грција со просечна старост од 20,4 години. На нашите патишта во 2018 година според Државниот завод за статистика имало 3.200 автобуси со просечна старост од 18,7 години. Од нив, над 81 процент биле постари од 10 години.

 

Комерцијален текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот