Меѓу норматива и практика: 20 години „По Охрид“, кревкиот мир останува критичен!

Колаж: СП. / Фото: МИА, СП.

На 13 август се навршуваат 20 години од потпишувањето на Охридскиот договор, кој се смета дека стави крај на многу меѓуетнички проблеми, како и водич за евроатлантското патување на Северна Македонија.

– Охридскиот рамковен договор ја пренесе пораката за меѓусебно почитување и разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите наши граѓани. Тој ја испрати пораката за соживот и еднакви граѓани во нашата заедничка татковина – рече премиерот Зоран Заев, на тематската средба на Владата „По Охрид“ по повод одбележувањето на 20 -годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.

Но, какви се ефектите, предностите и недостатоците на Охридскиот договор, дваесет години по неговото потпишување? Селим Ибраими од Институтот за безбедносни и развојни студии (ИССД – Македонија) вели дека еден од најголемите приоритети на Охридскиот договор е спречување на крвопролевање меѓу двете етнички групи и воспоставување на кревкиот мир, кој останува критичен.

Една од предностите на Охридскиот договор е спречување на крвопролевање меѓу двата најголеми етникуми и воведување на кревкиот мир во РСМ, кој и понатаму останува критичен за новата република. Без Охридскиот договор, Северна Македонија не би постоела денес или дел од неа би се приклучил кон Србија. Македонската страна мора да се врати на овој Договор и да ги исполни сите етнички барања за еднаквост во републиката. Секој договор има свои слабости и Охридскиот треба да ги мотивира страните за да не се повтори конфликтот во иднина помеѓу Албанците и Македонците – изјави Ибраими за „Слободен печат“.

Две децении, додава тој, политичките партии или го користеа за партиски и групни интереси или немаа друг избор освен да го остават преполовен и неспроведен.

Време е Македонците и Албанците да работат за не-национална држава. Меѓутоа, политичарите од македонска страна не се заинтересирани за таква држава, така што земјата во иднина ќе се соочи со криза. За да спречиме меѓуетнички расправии, секогаш мора да се сеќаваме на Охридскиот договор – рече Ибраими.

Серија настани веќе започнаа за одбележување на 20 -годишнината од Охридскиот рамковен договор со мотото „По Охрид“. По серијата активности во повеќе градови во кои ќе бидат вклучени повеќе институции, централниот настан ќе се одржи на 13 август во хотелот Александар Палас во Скопје, денот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор. На овој настан, организиран од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, учесници ќе бидат шефот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и други владини преставници, но и претставници од меѓународната заедница, и протагонистите кои учествуваа во процесот на имплементација на Охридскиот рамковен договор, Питер Фејт, Дејвид Слин, Роберт Серија, Бренда Пирсон, Анкета Вилијамс, Дејвид Филипс и други.

Владата веќе ги усвои заклучоците според кои се наведува дека нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор е одобрен од институциите на Северна Македонија и имплементацијата на законските одредби е тековен секојдневен процес кој е во тек.

На иста линија со заклучокот на Владата е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој, исто така, изјави дека нормативниот дел од Охридскиот договор е целосно имплементиран. „Нормативниот дел е целосно реализиран, делот што треба да се материјализира значи дека е во процес, се развива, но треба да работиме уште повеќе за да ги направиме вистинските чекори“, изјави Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот