Медиумите во Шкотска со бирани зборови за Македонецот: Бран од возбуда се пробива низ стадионот кога ќе се изговори името на Миовски

фото: afc.co.uk

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски има фантастичен старт на сезоната во Абердин и веќе ги освои срцата на навивачите, а медиумите со бирани реченици пишуваат за него.

Миовски во првите шест кола во шкотската Премиер лига постигна пет гола и е трет стрелец во првенството, а исто така и два пати се запиша во листата на стрелци во Лига Купот со што ги натера медиумите со бирани зборови да направат анализа на неговите игри.

– Кога ќе се изговори името Бојан Миовски на трибините „Питодри“, бран од возбуда се пробива низ стадионот. Миовски веќе има огромно влијание во играта на новиот изглед на тимот. Но, зошто толку добро се прилагоди на шкотскиот фудбал? Македонецот не е премногу физички силен или висок, два аспекта кои станаа синоним за врвни напаѓачи во Шкотска, но тој е нешто уникатно. Тој е идеален „крадец“ на топки во противничкиот шеснаесетник и е клинички прецизен. Дури 83 отсто од неговите шутеви завршија во целта, односно во противничката мрежа. Исто така Бојан може да ја прилагоди својата игра во зависност од секоја ситуација во нападот. Кога ќе се погледнат неговите трчања, јасно е дека Миовски е брз. Начинот со кој ги темпира своите трчања создава простор меѓу него и одбранбениот играч. Тој своето трчање го започнува рано и ја менува брзината само кога треба да ја избегне офсајд-замката. Тоа е уникатна вештина што го прави Миовски да изгледа многу побрз отколку што всушност е Бојан. Исто така моќно оружје во неговиот арсенал е неговата способност да ја поврзува играта. Јасно е дека 23-годишниот фудбалер мисли на постигнување голови, но, во неколку ситуации покжаа дека е тимски играч – пишува, Киран Флеминг, новинар на „Абердин Лајв“.

Со одличните игри, Миовски го сврте вниманието и на големите екипи и доколку продолжи да ги тресе мрежите во продолжение од сезоната, сигурно е дека идната сезона би играл за поголем тим од Абердин. Сериозен интерес за Миовски кој крајот на летниот преоден рок покажа шкотскиот гигант Селтик.

Менаџерот на Абердин, Џим Гудвин кој е најзаслужен за трансферот на Миовски, е свесен дека тешко ќе го задржи на подолг период македонскиот репрезентативец на „Питодри“.

– Миовски ќе биде прв напаѓач на Македонија и тешко ќе биде да го задржиме. Но, ќе се бориме за него. Со добрите игри веќе го сврте вниманието на големите екипи – рече менаџерот на Абердин, Џим Гудвин.

Миовски од утре ќе му се стави на располагање на селекторот Благоја Милевски за натреварите во Лигата на нации против Грузија и Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот