Малото лавче се нудело на продажба, неофицијално, се води истрага за вработен во АРМ

Се уште нема никаква реакција од МВР во однос на пријавата дека во земјава се случува шверц на млади лавови, за што алармираше портпаролката на скопската Зоолошка градина, Тина Мицковска.

Според нејзините зборови, не станува збор за шверц на само едно лавче, туку за цело легло, нешто за што се предвидени строги казни. Тврдењето таа го поткрепи со фотографии споделени на социјалните мрежи, кои во меѓувреме се избришани.

– Во Македонија не е дозволено да се купи лав. Дури и ние како зоолошка градина не можеме да купиме лав, туку правиме размена со други зоолошки градини. Трговијата и нелегален шверц со диви животни во Македонија е забранета со закон. Не само овде, туку низ цела Европа има ригорозни казни и долги години затвор за тој што ќе биде фатен со ваков вид животно. Ги повикувам сите медиуми да испитаат и да објават како успеало малото лавче да влезе во земјава, затоа што се работи за меѓународен скандал. Ова животинче ќе порасне во лав, кој бара специфична нега и услови, кој е забрането со закон да се продава или купува, а уште помалку вака некој да се изживува со него. Сите што се имаа сликано со лавчето, ме блокираа на ФБ кога им пишав, – тврди Мицковска.

Слободен печат од свои извори дознава дека малото лавче се прошетало на повеќе локации во Скопје. Наша соговорничка која сакаше да остане анонимна вели дека ги однела и сопствените деца да се сликаат со лавот, откако дознала дека малото лавче се наоѓа во населбата Чаир.

– Воопшто не помислив дека малото лавче е донесено на нелегален начин. Не ни знаев дека е забранет увоз на овие животни во Македонија. Кога слушнав дека малото лавче се наоѓа во Чаир, ги однесов децата да го видат и да се фотографираат со него, знаев дека многу ќе се израдуваат, ни раскажа соговорничката, дополнувајќи и дека лавчето било нудено на продажба.

Неофицијално, дознаваме и дека во моментов се води истрага за вработен во АРМ, за директна вмешаност во случајот со нелегалниот шверц со лавови во земјава, а се споменува и вмешаност на вработен во Царина.

Инаку, покрај Тина Мицковска, за нелегалниот увоз на малите лавчиња реагираше и здружението Анима мунди-здружение за заштита на животни. Тие ги повикаа надлежните министерства итно да го расветлат случајот и да ѝ соопштат на јавноста кој дозволил влез во државата на младеничиња од лав.

За увоз на лавови потребно е:

  • Согласност од ветеринарен инспектор на граничниот премин (N 640-Ветеринарен влезен документ) кој дава согласност согласно Законот за ветеринарно здравство, а надлежна институција е Агенцијата за храна и ветеринарство.
  • Дозвола за увоз на загрозени диви видови растенија и животни (CITES) согласно Законот за животна средина, а надлежно е Министерството за животна средина и просторно планирање.

За сличен случај за нелегален увоз на лав во Косово, Слободен печат пишуваше уште минатата година. Имено, пред две години во Косово преку Албанија, преку алтернативни патишта и нелегално пристигна лавот Џони и оттогаш е затворен во кафез во тамошен ресторан.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот