Максим Димитриевски нема да излезе од дома пред да поминат 14 дена и два негативни бриса

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски нема да излезе од изолација порано како што бара и покрај тоа што на приватно се тестирал за коронавирус и добил негативен резултат.

Причината за ова е протоколот, потврден и со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, според кој секој позитивен на коронавирус мора да остане 14 дена во самоизолација и да добие два негативни теста.

Димитриевски пред два дена објави дека бил да се тестира во лабораториите Жан Митрев и Биотек, добил негативни резултати на сите тестови, по што побарал од епидемиолошката служба при Центарот за јавно здравје Куманово да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да ги повтори тестирањата и под итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за него и за членовите на неговото семејство, како и за половина влада, новинари и други контакти што ги посочил во епидемиолошкиот прашалник.

-Се тестирав во Биотек и во Жан Митрев со ПЦР метода и двата теста се негативни. Бев транспортиран со амбулантно возило и правев некои дополнителни проверки, а тестовите за ковид ги направив попатно, изјави градоначалникот за ,,Слободен печат”.

Тој на својот Фејсбук профил настапи со отфрлување на сите како што рече ,,обвинувања околу неговата наводна позитивност”.

-Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од Ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата. Ги отфрлам сите обвинувања околу наводната мојата позитивност, анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани кои во моментов се борат со болеста а на сите останати да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца, напиша Димитриевски.

Во врска со овој случај во Куманово, вонреден инспекциски надзор направи Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но резултатите се чекаат наскоро да бидат готови. На прес конференција запрашан да ги искоментира обвинувањата од градоначалникот Димитриевски, дека луѓе одговорни за здравјето на граѓаните лажеле, министерот Венко Филипче беше воздржан, но премиерот Оливер Спасовски рече дека во случајот Куманово, можно е да се вклучат и други надлежни институции.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат излезе на терен, имаше многу аспекти што требаше да бидат утврдени и поврзани со секојдневното работење во услови на оваа криза. И други надлежни органи работат за овој случај. За ден два ќе го имаме целосно извештајот кој ќе ги утврди сите аргументи и факти за настанот и на основа на тоа треба да постапуваат и сите други надлежни органи, рече премиерот Спасовски.

Пред два дена и Спасовски и Филипче објавија дека се негативни на коронавирусот по направениот тест но дека остануваат во 14 дневна изолација согласно препораките на епидемиолозите. Позитивниот резултат на Димитриевски ја смести половина влада и повеќе новинари и медиумски претставници во изолација, откако во Куманово беа давани изјави пред медиуми и беше одржан кризниот штаб. Димитриевски подолго време бараше Куманово да се затвори во карантин, со контролиран влез и излез од градот поради големиот број заразени со коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот