Макрон и Вучиќ, то су срца два!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога Вучиќ, како што најави на самитот во Охрид, ќе се понуди да посредува кај Макрон за да дознаеме што му е во умот на францускиот претседател за судбината на европската перспектива на Македонија, тоа ви е како кога ласицата ќе вети дека ќе преговара со лисицата за безбедноста на јајцата во кокошарникот на Заев.

Има пердуви да летаат на сите страни; омлет, прсти да излижеш!

Вучиќ и Макрон се најблиските соработници во новиот заговор – се извинувам, не ми текнува подобра квалификација – кој сè плете околу иднината на Балканот, а чија цел е таа иднина да се напише поинаку од онаа што беше ветувана од страна на ЕУ (и на Американците!) во последните две-три децении.

Какво е тоа „поинаку“, тоа можеби ни самиот Макрон во моментов точно не го знае, но сигурно е дека тоа нема да подразбере полноправно членство на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, ни за пет, ни за сто и пет години. Ако му помине.

На Вучиќ тоа, парадоксално, некако и му одговара: Србија е најважната земја во центарот на Балканот, без капацитет да ги реши косовско-босанските компликации, а без значајни отстапки во таа геополитичка рамка, европскиот пат на Белград кон Европа е, секако, закочен до догледна иднина; па зошто, тогаш, „македонското сценарио“ – од гледна точка на внатрешната и надворешната политика на „српското сценарио“ на Вучиќ, кое со години комотно го одржува на власт – да има подобри изгледи за евроинтеграции?!

Алтернативата е „мал шенген“, во кој Србија ќе биде најголемиот партнер и за трговија и за слободен проток на луѓе и идеи и за странски инвестиции и слично, но и за преговори за европската иднина на Западниот Балкан, откако Франција ќе реши дека е добро време за тоа.

Што се однесува до Албанија, во „малиот шенген“ за неа речиси нема ништо спорно. За нив, и со и без догледна ЕУ-перспектива, прашањето на Косово им виси „врз глава“, а без функционален и изгледен европски контекст, тој проблем секогаш е подобро да се решава во проширена рамка, во поширок политички и економски маневарски простор, макар несреќно да се вика и „мал шенген“.

Плус, Албанија има море – следната средба е закажана во Драч, најголемото пристаниште во „малиот шенген“! Охрид е прекрасен, ама Медитеранот е, практично, без брегови…

И, сега, што може(л) Заев да прави?! Сите домашни и странски злобници го исмеваат дека бил лажен и манипулиран од големите европски сили; а тој глупав муртински опинок, им верувал и дома ветувал подобра иднина, ширел нереален оптимизам за датуми и рокови… Наместо да остане задрт Балканец, со сите да е во кавга, да не реши ниту еден спор, со светот да комуницира секоја престапна година и така да си тера со владеење во библиската Република Македонија како оној пред него цели 11 години…

Ќе видиме во што ќе се изроди „малиот шенген“. Ако, миракулно, се откочи патот до ЕУ, смислата за неговото постоење ќе го има прогресивниот контекст на кој сите сега се повикуваат.

Доколку, пак, ласицата ни јави од Париз дека лисицата не попушта, тогаш тавчињата на готовс, француски омлет ќе се спрема!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот