Македонско одбојкарско востание

Фото: Слободен печат

Маргинализирани, угнетувани, без пари и углед, гладни, без иднина, напикани во простории во кои нема соодветни услови за работа и отпишани и критикувани дури и од своите некогашни најблиски соработници.

Претходната реченица би можела да послужи како вовед во објаснувањето на причините за избувнувањето на Селанската буна на Матија Губец, за условите на народот во пресрет на Француската буржоаска револуција или за состојбата во која се наоѓала рајата во предвечерјето на Илинденското востание. Сепак, јас мислам на нашата машка одбојкара репрезентација.

Пред некои 20 години како млад новинар на еден друг дневен весник, имав прилика секојдневно да се дружам со луѓето од одбојката. Играчи, тренери, функционери, кои онака на „мускули“ го одржуваа спортот над нивото на водата, недозволувајќи да потоне. Но, мускулите попуштија по децениската системска негрижа на државата за овој преубав спорт, па се случи некогаш големите одбојкарски центри во Македонија, како Скопје, Тетово и Велес, речиси во потполност да исчезнат. На спортската мапа ги нема ниту некогашните југословенски гиганти Вардар и Работнички, а единствено место каде сè уште се игра одбојка е Струмица. Тоа секако дека не е доволно.

Политиката е главниот виновник за оваа лоша состојба во одбојката. Државните и општинските пари се истураат во „популарни“ проекти, каде македонските репрезентативци имаат епизодни улоги и главно се задолжени за прес-конференции. Од друга страна, Одбојкарската федерација на Македонија секоја година праќа дописи до 40-те најбогати комании во земјава, а само еднаш претставниците на Федерацијата биле повикани на состанок на кој се разговарало за евентуалното спонзорство. Нормално состанокот бил краток и завршил без посакуваниот епилог.

Подготовките на репрезентацијата вообичаено се одвиваат во „Шула Мина“ услови, во скромни одмаралишта и несоодветни спортски објекти. Малку позната вистина е дека и интернационалците на свој трошок патуваат на подготовките, што не е случај за останатите наши селекции, иако добар дел од нив не можат ниту да сонуваат да се најдат на некое големо натпреварување.

Сепак, одбојкарите се пласираа на Европското првенство, а по победите над Белорусија и Словенија докажаа дека имаат сили и знање за многу повеќе. Тие го подигнаа македонското одбојкарско востание, успевајќи конечно на јавноста да ѝ предочат дека во Македонија се игра добра одбојка. Дека вреди во нив да се вложуваат средства, кои во блиска иднина би можеле повеќекратно да се вратат во резултатска смисла.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот