Македонските уметници Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски добија покана за предавање во Јемен

Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски

Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски се поканети од 4 до 24 август да бидат визитинг-професори во државата Јемен.

За време на летниот семестар студентите на Јемен, на островот Сокотра, ќе имаат можност да следат настава од страна на интернационални професори од Италија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Индија, Бразил, Унгарија, Македонија, Америка и од Јемен по различни предмети, вклучувајќи цртање, сликарство, скулптура/инсталација, керамика и други.

Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска е поканета за предавања по предметот сликарство/инсталација, а Сашо Саздовски е поканет за предметот скулптура. Предавањата ќе се фокусираат на екологијата, така што делата создадени од овие проекти ќе бидат изработувани од рециклирани материјали.

Напоредно со предавањата на студентите, ќе се одржуваат и работилници за деца од предшколска и школска возраст. Завршната изложба на студентите ќе биде реализирана на островот Сокотра во Јемен и во Центарот за современа уметност во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.

Островот Сокотра е признат како светско природно наследство од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите Нации (УНЕСКО) во јули 2008 година, бидејќи се одликува со најбогатa биоразновидност на Арапското Море создавајќи единствена и спектакуларна ендемска флора и фауна, единствена од таков вид во светот.

Пандора Апостолоска Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 г. дипломира на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски во Скопје.

Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го Музејот за современа уметност во Македонија, Националниот музеј во Индија, Музејот на Марк Ротко во Латвија, Национален музеј во Кина, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Фондацијата „Хејдар Алиев“ во Азербеџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, Центарот за современа уметност во Нормандија и други.

Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визититинг-професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 год. дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, катедрата за скулптура и графички дизајн, а во 2002 година магистрира на катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. Драган Поповски – Дада.

Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно-истражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го Центарот за современа уметност во Абу Даби, ОАЕ, уметничкиот центар „Марк Ротко“ во Латвија, Фондацијата „Хејдар Алиев“ во Баку, Азербејџан, Националниот музеј во Индија, Центарот за современа уметност MECA Алмерија во Шпанија и други.

Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија, ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот