Македонскиот воен претставник во НАТО се уште нема зелено светло да отпатува во Брисел

Се уште не се знае дала и кога македонскиот воен преставник во НАТО полковникот ќе добие безбедносен сертификат и ќе замине за Брисел. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска при денешната посета на лесниот Пешадиски батаљон во Штип рече дека за ригорозните НАТО проверки треба време.

Таа посочи дека досега се испратени три групи од четирисетина луѓе од Министерството за одбрана и Армијата, од кои досега дел добиле безбедносни сертификати, за дел постапката е во тек. Одбиено е барањето само на еден претставник на Министерството за одбрана.

– Не сме ние тие што ги соопштуваме и ги образложуваме тие одлуки. Тоа е дел од работењето на една поширока Алијанса. Чекаме процесите да завршат и се разбира водиме разговори со кабинетот на Претседателот околу одлуката за наш воен претставник, вели Шекеринска.

Министерката за одбрана посочи дека нашето воено претставништво во Брисел е релативно пополнето и таа бројка расте, а како што рече, во тек е избор на уште еден полковник и на уште двајца подофицери.

– На воено ниво навистина сме многу сериозно претставени во рамки на НАТО Алијансата и тој процес ќе го финишираме и со воен претставник. Меѓутоа има многу работи, кои не зависат само од нас. Очекувам на 15 јануари нашиот амбасадор, Дане Талески веќе да замине за Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирање на нашата мисија таму, изјави Шекеринска.

Забележа дека добивањето на безбедносните сертификати е одложено поради пандемијата и затоа овој процес трае подолго време.

-Најголем дел од лицата кои ги праќаме на реветинг веќе имале НАТО сертификати, но кога не сме биле членка на НАТО, да станете членка на ваква Алијанса со многу поголем пристап до информации, што се чувствителни, високо класифицирани не е лесно и затоа овој процес, ниту е брз, ниту е лесен, вели Шекеринска. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот