Македонската премиера на играниот филм „Кино Љубов“ ќе се одржи во Штип

Сцена од филмот „Кино Љубов“

Филмските продукции „Синемон Медија Фактори“ и „Револушн“ на 13 октомври, со почеток во 21 часот, во „Киноверзум“ во Штип премиерно пред македонската публика ќе го прикажат филмот „Кино Љубов“.

Ова уметничко остварување е продуцирано од Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, а сценарист, режисер и монтажер е Јани Бојаџи. Во главните улоги настапуваат Дејан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски, како специјална ѕвезда-гостин.

Композитор на музиката е реномираниот Горан Трајкоски, дизајнер на звукот е Игор Василев, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, а директор на фотографијата е Иван Зороски. Камера оператор е Марко Најдановски, а костимографијата е на Александра Горчилова.

Филмот „Кино Љубов“ носи исклучително интересна приказна раскажана со голема умешност, а низ малку кадри. По проекциите во повеќе држави и учеството на бројни фестивали на 13 октомври ќе ја доживее својата македонска премиера.

– „Кино Љубов“ е вивисекција на нашиот живот денеска како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства под притисок на лудилото наоколу се на работ на распаѓање. Овој филм е нашиот одговор на прашањето како да се сочуваме самите себе си и нашите семејства? Љубовта е состојката за спас која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме до крај – објаснува режисерот и сценарист Јани Бојаџи.

Дејан Милошевски и Јани Бојаџи

Филмот е снимен како „инди“ – независна продукција без финансиска поддршка од Агенцијата за филм и Министерството за култура на Македонија. Сниман е за време на корона-пандемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.

– Овој проект за време на подготовките и снимањето минуваше низ процес досега непознат за македонската кинематографија во однос на снимање и работа со актери. Приказната е раскажана во десет кадри, со што по својата форма „Кино Љубов“ е филм направен во стилот познат како „уан тејк“ – изјави продуцентот Дејан Милошевски.

За македонската премиера на филмот е одбран градот Штип, како културен и универзитетски центар во регионот, а дополнително е и град кој после долго време го добива своето редовно кино, иницијатива на дистрибутерот „Киноверзум“. Идејата на продуцентите е „Кино Љубов“ да биде можност за промоција на македонските кина и враќање на љубовта кон киното, што е основна приказна во филмот.

Скопската премиера е закажана за 26 октомври во киното „Синеплекс“, а во меѓувреме филмот ќе го види и публиката во Неготино, Велес, Свети Николе, Прилеп и други градови низ цела Македонија.

Светската премиера на „Кино Љубов“ се одржала во декември 2022-та година на Фестивалот на авторскиот филм во Белград. Досега филмот поминал на 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот