Македонската дипломатија од Тајван до Преспа

Ако најголем гаф на нашата дипломатија е епизодата со Тајван, тогаш еден од моментите на враќање на Македонија во нормалните текови на надворешнополитичките односи, секако претставуваше периодот на преговори и самото склучување на Преспанскиот договор.

Постојат повеќе дефиниции што ги дефинираат меѓународните односи помеѓу државите, но оваа на лордот Палмерстон, премиер на Обединетото Кралство во средината на 19 век, време кога Империјата го доживува својот врв, најдобро ја отсликува реалноста на надворешната политика на една земја: „Ние немаме вечни сојузници ниту вечни непријатели. Нашите интереси се вечни и нашата должност е да ги следиме тие интереси“. Она што секако треба да претставува константа на секоја надворешна политика е тоа дека таа треба да дејствува во интерес на сопствената држава. Како за Палмерстон, така и за Бизмарк бранењето на интересите на сопствената држава преставуваат conditio sine qua none на секоја дипломатија. Познатата Бизмаркова дефиниција на дипломатијата вели, тоа е работење во туѓа држава за интересите на сопствената.

Како една мала и безначајна земја без реална моќ и влијание во меѓународната политика треба да ја конституира својата дипломатија за да може успешно да се фати во костец со предизвиците на односите помеѓу државите? Дали и во денешни услови е применлива дефиницијата на лордот Палмерстон или треба да се бара друг модус на дејствување?

Лични релации

Од осамостојувањето до денес, македонската дипломатија изобилува со позитивни и негативни примери. Амбасадори чии лични и семејни односи се наоѓаа на страниците на дневниот печат во земјите каде работат, крадење на службениот преносен компјутер на амбасадорот од страна на неговата љубовница, користење на службеното возило на амбасадата за приватни семејни прослави, па дури и исчезнување на амбасадор под закана за неговиот живот. Постоеја дури и шпекулации дека еден наш амбасадор наместо да присуствува на седницата на Советот за безбедност на која се расправало за Македонија, бил на џогинг. Повеќето амбасадори својата должност ја извршуваа по принципот „нишај врата, земај плата“. Ќе пројдат четири-пет години од мандатот и, како и воопшто да не постоеле, тие ќе си заминат од земјата домаќин без да направат ниту еден чекор во афирмација на својата држава.

Од друга страна, постојат примери кои сепак влеваат надеж дека не е се така црно. Еден од нив, секако е нашиот долгогодишен амбасадор во Германија, Австрија, Јапонија и Словачка, д-р Ѓорѓи Филипов, кој, на пример, за време на само еден мандат како амбасадор во Австрија, организирал, ниту помалку ниту повеќе, туку седум официјални средби на највисоко ниво помеѓу шефовите на нашата и Австриската република. Повеќето наши дипломатски претставници, за време на својот мандат, не успеваа и не успеваат, се разбира, на иницијатива на нашата држава, да организираат ниту една, а не седум официјални средби. Овој пример на човек, кој не е дипломат од кариера, но секако е човек на добар глас, само оди во прилог на фактот дека земја како Македонија може да биде видлива во престолнините на позначајните земји во Светот само доколку таму се пратат луѓе кои нема само да се однесуваат како државни чиновници, туку кои ќе ги употребат своето знаење, претходни контакти и лични познанства за да ја појават државава на радарот на интерес на земјата домаќин.

Затоа Министерството за надворешни работи треба да внимава кого праќа како амбасадор и дали пополнувањето на испразнетите амбасадорски места треба да биде исклучиво и само од професионални дипломати вработени како службеници во МНР или треба да се има предвид и можноста дека видни граѓани, кои со одредени земји, со текот на годините, изградиле лични, па дури и приватни односи со претставници на тие држави, може да ја претставуваат Македонија посоодветно и да направат поголем пробив во афирмација на нашите интереси токму користејќи ги тие лични релации.

Ова секако треба да се однесува и на највисоките функционери, кои ја претставуваат државата на меѓународен план – претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи. Ги паметиме поранешните претседатели Глигоров и Трајковски, кои преку своите лични познанства и пријателства со своите колеги Ширак од Франција и Буш од САД, успеваа од нив да направат афирматори на нашите интереси. Спротивно на тоа, еден период имавме дипломатија на намигнување со шефовите на држави, а секако најдрастичниот пример на губење на кредибилитетот во меѓународните односи беше несреќното признавање на Тајван, по иницијатива на Васил Тупурковски, кое ја стави Македонија на листата на земји кои се некредибилни и кои се наоѓаат во сивата зона на меѓународниот поредок. Овој голем гаф, како и оние помалите, како на пример, замената на австриското знаме на свечената церемонија на дочек на премиерот Курц со знамето на Латвија, се недозволиви и од нас прават несериозен чинител во меѓународните односи.

Најголем гаф

Во една пригода го прашале Хенри Кисинџер, долгогодишен државен секретар на САД и гуру на меѓународната политичка сцена, која е тајната на успешната дипломатија на САД, тој одговорил: „Јас воопшто не водев дипломатија, јас само настапував од позиција на сила. Кога зад мене стои една велесила како САД, ретко кој може да ми рече не. Но, за малите и помалку моќни земји, е за нив е потребно да водат мудра и промислена дипломатија“.

Па, така, ако како најголем гаф на нашата дипломатија е епизодата со Тајван, тогаш, како еден од моментите на враќање на Македонија во нормалните текови на надворешнополитичките односи, секако претставуваше периодот на преговори и самото склучување на Преспанскиот договор, чиј краен резултат беше нашето примање како полноправна членка на НАТО.

Само почитувањето на основните меѓународни норми и организации и играње на конструктивна улога во нивната работа, строгата примена на дипломатските и протоколарни правила, поставувањето за амбасадори на луѓе што знаат да испливаат над просекот, како и користењето на личните и приватни познанства за афирмација на интересите на својата држава од страна на сите оние кои не претставуваат надвор, можат од нас да направат кредибилна и почитувана држава која ќе биде прашана кога нејзините интереси ќе бидат предмет на одлучување во меѓународната заедница. Во спротивно, ќе бидеме третирани само како објект на меѓународното право. За да те третираат како сериозна држава, однесувај се како сериозна држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот