Македонија и Бугарија низ катарза да ги разбијат митовите

Зоран Заев Бојко Борисов
Зоран Заев, Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Добра е стратегијата со Бугарија до тамошните избори во април да се разговара само за секторската соработка, но мора нешто да се прави и на политички план, затоа што веќе во јуни, на самитот на ЕУ, ќе се носат одлуки за проширувањето на Унијата, оценуваат аналитичарите за „Слободен печат“.

Македонскиот државен врв изгради јасни позиции дека за жешките политички теми ќе разговара со идната бугарска влада со смирени емоции и со рационален пристап, а од друга страна, бугарскиот врв едногласно повторува дека ниту по изборите ништо нема да се промени во нивните ставови што произлегуваат од Рамковната позиција од 2018 година, усвоена од парламентот, со која се негираат македонскиот идентитет, историја и јазик.

Врежани „истории“

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека проблемот со Бугарија сега е поголем отколку пред некој месец.

– По декемвриското фијаско се направи доволна дистанца да се смират страстите и непотребните потпалувачки изјави и да се „интернализираат“ споделените мислења и ставови, да се размисли за нив и полека да почне да се решава проблемот. Еден пристап е да се одложи или подзаборави оваа дебата и тензичните прашања на јазикот и идентитетот, а наспроти тоа да се концентрираме повеќе на попрактични, технички и, секако, на прашања од заеднички интерес наспроти тие што водат кон поделби. Тоа е во ред и треба да се прави. Во најмала рака, треба да се продуцира брз и јасен извештај за тоа што е направено, барем од страна на Македонија во однос на Договорот за добрососедство, на пример, колку километри нови патишта кон Бугарија сме направиле, прошириле, асфалтирале итн. Но, тоа нема да го реши проблемот и тој секако ќе се појави на следната точка на одлучување во ЕУ – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој предлага Комисијата за историските прашања да продолжи со работа во проширен состав, и тоа ние да предложиме членови за бугарската страна на Комисијата и обратно, но и да работи потранспарентно и седниците да се пренесуваат на телевизиите кај нас и во Бугарија.

– Иако може ова да предизвика дополнителни тензии во јавниот дискурс, веројатно е неопходно да се помине низ тоа и во нашето и во бугарското општество, па да се стигне до поголемо разбирање на врежаните „истории“ на двете страни и тие полесно да се споредат, а некаде да се стигне и до усогласување, односно заедничко и истоветно прифаќање на одредени настани и личности. Во краен случај, ќе дојде и до некоја катарза во некое или во двете општества со разбивање на некои митови. Сметам дека тоа е особено потребно во Бугарија, но сигурно ќе произлезат и прашања и дилеми во однос на нашето разбирање или толкување на нашата историја – вели Кржаловски.

Пописни барања

Македонија предложи Акциски план за секторска соработка, со кој треба да се врати довербата меѓу двете земји и да продолжи спроведувањето на Договорот за добрососедство, кој треба да биде усвоен на втората меѓувладина конференција во Скопје, но уште е неизвесно кога тоа ќе се случи. Во меѓувреме, од Бугарија почнаа да стигнуваат барања во пописот во Македонија да има графа Бугари за да се пребројат и да не бидат дискриминирани. Според некои наши аналитичари, Македонија нема комплекс кон малцинско-етничките права и не би било проблем да има и таква графа, но потребен е и реципроцитет и да се пребројат Македонците во Бугарија.

– Се поставува прашањето како Бугарија како членка на ЕУ воопшто не дозволува да се постави прашањето за попишување етнички Македонци во нивните пописи. Интересно е и тоа што тие бараат да се попишат Бугарите кај нас, и со тоа „си пукаат сами во нога“, бидејќи ја урнисуваат тезата дека ние сме одродени Бугари – рече аналитичарот и историчар Благојче Атанасовски во „Утрински брифинг“.

Акциски план и со Србија

Македонија и Србија ќе ја интензивираат билатералната и регионалната соработка, за што ќе се детализира акциски план, во кој ќе бидат прецизирани политички и економски прашањата за таа намена, се договориле завчера во Белград министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Никола Селаковиќ. Акцентот ќе биде ставен на тоа што поскоро да се одржи заедничка седница на двете влади, да почне со работа меѓувладина мешовита комисија за малцинствата и да се отворат културни центри на двете држави, во Белград и во Скопје.

– Ние сме регион кој е оптоварен со различни историски настани. Доколку трагаме по она што нѐ разделува, нема долго да бараме. Уверен сум дека ако го бараме и она што е добро и што нè спојува, лесно ќе го најдеме. Знам за изјавите, ги чув и реагирав онака како што мислев дека е најдобро. Значи, не ги коментирав – изјави Селаковиќ во врска со бугарските реакции на најавите дека во Македонија ќе се изучува српски јазик во училиштата.

Селаковиќ рече дека српското присуство во Македонија не е оптоварено со никаква предумисла или со друг мотив, освен да бидеме најдобри можни соседи и да градиме економски и инфраструктурни врски. Тој додаде и дека Македонија не е причина за кавга меѓу Србија и Бугарија, односно дека нема кавга, а Македонија може само да ги зближи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот