Ма што зборуваш: 12 часа работа неделно или на ден?

Фото Архива

Најбогатиот Кинез, милијардерот на челото на технолошкиот гигант „Алибаба“, ги разбранува светските маси, особено работничките, со изјавата дека луѓето треба да работат по 12 часа неделно, ползувајќи ги придобивките од вештачката интелигенција.

Истиот тој Џек Ма, не толку одамна, категорично ја бранеше политиката што ја наметна во својата компанија, луѓето да работат по 12 часа – секој ден, шест дена во неделата!

Овие две дијаметрално спротивставени изјави од истиот човек во временски прозорец од четири месеци може да се толкуваат од многу аспекти, но сите ја посочуваат потребата на промената на работните навики, па и на работното време со развојот на технологијата и подемот на роботиката.

Идејата за 12-часовна работна недела Ма ја кажа во четвртокот во Шангај, говорејќи на Светската конференција за вештачка интелигенција. Покрај него на трибината беше уште еден милијардер, технолошки пионер и иноватор – Илон Маск, кој во „Тесла“ и во другите свои компании наметнува работни навики слични на оние од „Алибаба“ – да се работи од утро до мрак. Маск гостуваше во Шангај за да говори за предностите на вештачката интелигенција, но и да види како се развива изградбата на фабриките на „Тесла“ во градот.

Офанзива на машините

Двајцата притоа истакнаа дека подемот на вештачката интелигенција е незапирлив и дека паметните и неуморни роботи во многу скора иднина ќе ги истиснат работниците од фабричките хали, па и од многу канцеларии. Со внимателно избрани примери, тие го убедуваа светот дека роботизацијата не значи масовни отпуштања, туку на луѓето им остава повеќе време за уживање.

Како сликовит пример, Ма го истакна воведувањето на електричната енергија во домаќинствата.

– Моќта на струјата е таа што на луѓето им остава повеќе време, кое може да го потрошите на караоке или на танцување и забави навечер. Сметам дека поради вештачката интелигенција, луѓето ќе имаат повеќе време да уживаат да бидат луѓе – порача Ма.

Но тој додаде дека, за да се направи таква глобална револуција, мора да се променат образовните системи, кои, според него, сѐ уште произведуваат работна сила за индустрискиот свет од минатиот век.

– Во следните десет, дваесет години, секој човек, секоја земја и влада треба да се фокусира на реформа на образовниот систем за да обезбеди нашите деца да најдат работа за која би биле потребни три работни дена неделно, по четири часа на ден. Ако не го смениме образовниот систем во кој сме заробени, сите ќе имаме проблем – изјави Ма.

Креативноста е човечка

Тој објасни дека роботите нема да ги истиснат сосема луѓето, чија главна предност ќе остане креативноста.

– Не сум загрижен за работните места. Компјутерите имаат чипови, луѓето имаат срце. Срцето е тоа од каде што доаѓа мудроста – вели Ма.

Милијардерот наведува дека од актуелниот образовен систем мора да бидат истиснати моделите за подобро паметење и извршување вештини што се повторуваат, бидејќи во овие сегменти машините на иднината ќе бидат супериорни во однос на луѓето. Предноста на луѓето ќе остане креативноста, која уште повеќе ќе биде поттикнувана со повеќе слободно време.

Со ова се согласува и Маск, чиј проект „Неуралинк“ настојува да создаде спојување човечки мозок со машина со вештачка интелигенција.

– Образованието, како што сега функционира, е екстремно бавно. Предавањата се најлоши. Со текот на времето со „Неуралинк“ ќе можете во миг да вчитате податоци за која било тема, исто како во „Матрицата“ – вели Маск.

Проклетството 996

Ако целта на Маск и на Ма е да се поттикне креативноста, зошто тогаш во своите компании не им оставаат време на работниците ни пристојно да се одморат? И двајцата важат за менаџери што се зависници од работа, а од своите работници очекуваат да го држат нивното темпо. Стара анегдота за Маск е дека кога секретарката побарала неколку денови одмор, тој самиот решил да ја научи и да ја извршува нејзината работа, наместо да ѝ најде замена. Кога се вратила, ѝ кажал дека повеќе не е потребна.

Ма годинава во „Алибаба“ го наметна системот 996 – работа од 9 часот наутро до 9 часот навечер, 6 дена во неделата.

– Голем благослов е да може да работите 996. Ако сакате да му се приклучите на „Алибаба“, мора да бидете подготвени да работите по 12 часа на ден, инаку подобро е да не се мачите да конкурирате – изјави Ма во април годинава.

Таквата изјава поттикна жестоки критики на социјалните мрежи, со забелешки дека „шефовите работат долго за себе и нивното богатство расте, а работниците се принудени на 996 без надоместоци за прекувремената работа“.

Дуел со роботите

Вештачката интелигенција и автоматизираните роботи веројатно најдлабоко се пробиени во трет технолошки гигант. „Амазон“ користи роботизирани возила во огромните хангари и веќе доставува пратки со дронови. Работниците не само што се загрижени поради долгото работно време, туку и од опасноста дека ќе бидат исфрлени од работа од роботите.

Низа влади разгледуваат како ќе изгледа пазарот на трудот кога ќе се засили вештачката интелигенција. Главниот проблем е што да се прави со работниците што ќе останат технолошки вишок. Се разгледуваат идеите за универзални примања, со кои би биле задоволени основните потреби на домаќинствата, како и скратување на работното време. Група британски прогресивци сметаат дека до 2025 година треба да биде воведена четиридневна работна недела, тврдејќи дека така не само што ќе се зголеми менталното и физичкото здравје на работниците, туку и би се зголемила продуктивноста.

– Треба да ја прифатиме автоматизацијата како нешто што ја зголемува продуктивноста и тоа е добро за економијата. Но, плодовите од автоматизацијата мора да бидат поделени еднакво, во форма на намалување на работното време. Машините треба да нѐ ослободат од работа, не да ни станат конкуренција и да ја зголемат сѐ поголемата нееднаквост – вели Ајдан Харпер, основач на проектот „Четири дена работа неделно“.

Ветување и закана

Во студијата „Пократка работна недела“ неговиот тим ги истакнува очекуваните тензии од автоматизацијата.

– Овие нови технологии се и ветување и закана. Во контекст на пократката работна недела, автоматизацијата ветува намалување на работното време и зголемување на времето за лицата. Но, оваа врска помеѓу автоматизацијата и слободата не може да се уреди без соодветна државна и политичка интервенција. Изминатиот век покажа дека технологиите за автоматизација почесто биле воведувани од сопствениците за да се зголеми продуктивноста, без да се подели профитот со вработените. Овој тренд ќе продолжи ако не се создаде и не се наметне строго дефиниран однос помеѓу автоматизацијата и слободното време – се наведува во студијата.

Ма и Маск не би биле успешни милијардери ако не се потпираат на армија работници, без оглед дали се од крв и месо или чипови и челик, сѐ додека главната цел им е да прават и жнеат профит. Со заменувањето на биороботите со роботи, тие теоретски би ги зголемиле и продуктивноста и креативноста, но не е сѐ така едноставно. Еден стар марфиев закон вели: „Човечки е да се греши. За да се направи голема грешка, неопходен е компјутер“.

Историја на работната недела

 

Овен го смисли, Форд го создаде денешното работно време

Осум часа работа, осум часа рекреација, осум часа одмор – е формулата што уште во 1817 година ја кажал Роберт Овен, велшки сопственик на мелница, кој во времето по Индустриската револуција бил активист за правата на работниците

Спроведени се низа научни истражувања дали ваквиот стандард формиран за индустрискиот период е идеален. Засега нема категоричен одговор, но истражувањата покажале дека луѓето се попродуктивни и посреќни со помалку работни часови

Стандардно работно време за луѓето низ светот во изминатите стотина години, барем во развиените и земјите во развој, е 40 часа неделно – по осум часа пет дена во неделата. За некои (изјавите на Џек Ма се најсликовит пример) овие работни часови се премалку, а за други се премногу.

– Осум часа работа, осум часа рекреација, осум часа одмор – е формулата што уште во 1817 година ја кажал Роберт Овен, велшки сопственик на мелница, кој во времето по Индустриската револуција бил активист за правата на работниците. Во тоа време вообичаеното работно време било по стотина часа неделно – по 10 до 16 часа на ден шест дена во неделата.

Синдикатите во САД се залагале за ограничувањето на работниот ден на осум часа, што привлекло поддршка од јавноста, но не било усвоено од властите. Во почетокот на минатиот век вообичаеното работно време било 8 часа на ден, 6 дена во неделата. Голем исчекор направил Хенри Форд, кој во своите фабрики укинал еден работен ден неделно. Форд заклучил дека неговите работници се попродуктивни кога работат по 40 часа неделно отколку кога работат по 48 часа. Успехот на „Форд“ поттикнал и други фабрики да го скратат работното време и да ја зголемат продуктивноста, па Конгресот во 1938 година го усвоил Законот за фер стандарди на трудот, кој ги обврзал работодавците да плаќаат прекувремена работа за секое лице што ќе работи повеќе од 44 часа неделно. Само четири години подоцна, работната недела била стандардизирана на 40 часа.

Спроведени се низа научни истражувања дали ваквиот стандард формиран за индустрискиот период е идеален. Засега нема категоричен одговор, но истражувањата покажале дека луѓето се попродуктивни и посреќни со помалку работни часови. Во САД, покрај стандардните 40 часа неделно работат прекувремено по уште 7 часа во просек. Тоа им ги зголемило приходите, но не ја зголемило продуктивноста. Згора на тоа, луѓето што работеле прекувремено имале повеќе здравствени проблеми, почесто се со зголемена телесна тежина, полесно се повредуваат или се разболуваат на работното место и прават повеќе грешки.

Од друга страна, има примери дека пократката работна недела ја зголемува и продуктивноста и благосостојбата на работниците. Во услови на енергетска криза, Британија во првите два месеца од 1974 година привремено наметнала тридневна работна недела. Во тој период работниците биле поредовни и продуктивноста се намалила за само 6 отсто.

Во периодот од 2000 до 2008 година Франција ја ограничила работната недела на 35 часа. Во голема анкета спроведена во овој период, повеќе од половината испитаници изјавиле дека се посреќни и дека полесно можат да направат баланс помеѓу работата и слободното време. Шведска во периодот од 2015 до 2017 година направи експеримент во центар за грижа, при што работните часови на болничарите им биле скратени од 8 на 6 секој ден. Во овој период боледувањата се намалиле за 10 отсто, а болничарите тврделе дека се чувствуваат поздрави, поенергични и повнимателни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот