Лога ќе им подари фотографии од „Идризово“ на пратениците, тие нему 5.000 амандмани против амнестија

Кренар Лога. Фото: Фејсбук Лога

Или државата ќе биде еднаква спрема сите свои граѓани или не. Ќе се докаже на дело дека има двојни аршини, дека ќе продолжи практиката големите риби да добиваат привилегии, а за обичните нема милост и разбирање. Не може одредени осуденици да издржуваат казна затвор по хотели и болници, а други да умираат во „Аушвиц“, ни изјави Лога во пресрет на собраниската седница за законот за амнестија.

Делење албуми на пратениците со фотографии од условите во затворот „Идризово“, а можеби и огледала, односно поднесување 5.000 амандмани заради блокада на законското решение, се најавени пред утрешната собраниска седница, на која треба да се расправа за Предлог-законот за амнестија, кој предизвика поделени реакции во владината коалиција, но и во јавноста. Аргументите на министерот за правда Кренар Лога во одбрана на Предлог-законот се пренатрупаноста и лошите услови во затворите и дека со амнестијата ќе бидат опфатени осудени за лесни кривични дела. Од друга страна, опозицијата, но и дел од власта, сметаат дека амнестијата нема да ги растовари затворите и дека ќе се загрози безбедноста на граѓаните со предвременото излегување на криминалци од затворите.

Лога: Георгиев нека подготви обуки за „своите“ судии

Лога за „Слободен печат“ вели дека како предлагач останува на ставот дека законот за амнестија треба да се донесе.

– Со законот за амнестија нема ништо лично поврзано со моето име и со институцијата со која раководам. Или државата ќе биде еднаква спрема сите свои граѓани или не. Ќе се докаже на дело дека има двојни аршини, дека ќе продолжи практиката големите риби да добиваат привилегии, а за обични осуденици да нема милост и разбирање. Не може одредени осуденици да издржуваат казна затвор по хотели и болници, а други да умираат во „Аушвиц“. И реториката дека криминалци ќе излезат на улица, треба да се промени со реториката да ги држиме 2.800 осуденици (криминалци) со упатен акт на слобода, меѓу нас, за да застаруваат истите дела, во име на правната држава, а тие 2.100 што издржуваат казна затвор да лежат до крај во име на партиските агенди и предизборна кампања – вели Лога.

Кренар Лога, министер за правда/Фото: Слободен печат

Тој додаде дека пред седницата на пратениците ќе им подели материјали и фотографии од условите во затворите, а ако му биде дозволено и – огледала.
За критиката од претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, дека со дел од законските измени, меѓу кои и законот за амнестија, на некој начин се врши упад во судството, Лога ни изјави:

– Георгиев наместо да коментира надлежности на Собранието, нека седне и нека подготви обуки за „своите“ судии да изрекуваат алтернативни мерки, бидејќи работат како во комунизмот со изрекување само казни затвор – одговори Лога.

ВМРО-ДПМНЕ: Нема потреба да отвораме суштинска расправа

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека подготвиле околу 5.000 амандмани за блокада на законот за амнестија.

– На пленарната седница треба да се гласа потребата од носење на законот за амнестија. Но, подготвени сме со околу 5.000 амандмани да го блокираме законот ако почне и комисиската расправа. Немаме суштински амандмани, туку сите се за блокада на законот. Нема потреба да отвораме суштинска и аргументирана расправа за пуштање криминалци на улица – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Викторија Аврамовска-Мадиќ

Амандмани за законот за амнестија најавија и од владејачкиот СДСМ, по објавата на „Слободен печат“ дека со амнестијата ќе бидат опфатени и помагачи на тешки дела како случајот „Монструм“. Прво премиерот Димитар Ковачевски најави дека пратеничката група на СДСМ амандмански ќе интервенира за помагачите од „Монструм“ Хаки и Фејзи Азири да не бидат опфатени со амнестијата, а вчера тоа го потврди и заменичката министерка за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.

– Не е добро тие осуденици да излезат. Затоа со нашата пратеничка група тогаш се разговараше дека може да се предложи амандман што ќе го спречи излегувањето, бидејќи станува збор за предмети што се од јавен интерес, како што во јавноста се побуди за „Монструм“, а од нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи, ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано – рече Аврамовска.

Таа посочи дека постојат и други алтернативни мерки и дека не мора со законот за амнестија да се испразнат затворите, напротив тоа може да биде и условен отпуст и пробација.

Против законот за амнестија во неколку наврати се изјасни и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој смета дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите и дека сега не е соодветно време. Спасовски вели дека амнестираните многу често по излегувањето од затвор, ги повторуваат делата.

Министерството за правда го предлага Законот за амнестија поради потребата од ресоцијализација на определен број осудени лица, пренатрупаноста на затворите и лошите услови за престој во нив. Со евентуално усвојување на законот, целосно ќе бидат ослободени 286, а делумно – 996 затвореници. Тука не се вбројани 2.813 осуденици што чекаат на издржување затворска казна. Дел од нив што сториле полесни кривични дела и се осудени до шест месеци не би ни влегле во затвор, а другите ќе добијат намалување на казната од 30 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот