Литванија исплатила: „Вечниот притвореник“ од Гвантанамо доби 100.000 евра отштета за мачењето од ЦИА

Протест пред Врховниот суд на САД за затворање на центарот на ЦИА во Гвантанамо/Фото ЕПА, Мајкл Рејнолдс

Оштетата ја побара Европскиот суд за човекови права, кој пресуди дека во случајот на Абу Зубајдах литванските власти ги прекршиле европските закони, кои забрануваат какво било измачување затвореници

Властите во Вилњус му исплатиле отштета од 100.000 евра на осомничениот саудиски терорист Абу Зубајдах, попознат како „вечниот притвореник од Гвантанамо“, зашто дозволиле ЦИА да го чува во притвор и да го измачува во база на литванска територија.

Оштетата ја побара Европскиот суд за човекови права, кој пресуди дека во случајот на Абу Зубајдах литванските власти ги прекршиле европските закони, кои забрануваат какво било измачување затвореници.

Саудиецот Зајн ал Ибидин Мохамед Хусеин повеќе од 20 години е притворен во американската воена база Гвантанамо на Куба, иако сѐ уште нема обвинување против него. Тој бил приведен од агенти на Централната разузнавачка агенција во Пакистан во 2002 година, шест месеци по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон. По откривањето на неговиот случај, администрацијата на тогашниот американски претседател Џорџ Буш и офицери од ЦИА тврдеа дека тој мора да биде чуван во притвор како висок командант во Ал каеда, но истрагите покажаа дека тој не бил член на глобалната терористичка група ниту, пак, бил поврзан на кој било начин со терористичкиот напад врз САД на 11 септември 2001 година.

Зубајдах уште е во притвор

Абу Зубајдах, сепак, сѐ уште е во притвор, на инсистирање од ЦИА поради обидите да не протечат во јавноста деталите за третманот и во Гвантанамо и пред да биде префрлен во базата.

Неговите адвокати се убедени дека Литванија немало да се согласи да ја плати отштетата без да добие специфично одобрение од Вашингтон.

– Ситуацијата повеќе не е толку тајна, кога некому исплаќате 100.000 евра и целиот свет знае за тоа. Ова се поклопува со идејата дека САД ја омекнуваат својата позиција во однос на „вечните затвореници“. Јасно е дека САД можеле да ја спречат Литванија да ги исплати парите, па прашањето е зошто не го сториле тоа? – изјави Марк Денбо, член на тимот правни застапници на Абу Зубајдах во САД.

Врховниот суд на САД во октомври сослуша аргументи за случај во кој федералната администрација настојува да блокира процес во Полска, на кој двајца агенти ангажирани од ЦИА треба да сведочат за измачувањето на Абу Зубајдах во 2002 и во 2003 година на тајна локација во земјата. Во случајот против Литванија, бранителите на Абу Зубајдах тврдеа дека тој бил притворен и измачуван од февруари 2005 до март 2006 година во тајниот центар „Вајолет“ кај Вилњус. Најѕверски, според неговите адвокати, го измачувале агентите што го сослушувале во Тајланд – дури 83 пати му била спроведена техниката „вотербординг“, а со денови бил чуван во кутија со големина на мртовечки сандак.

Судиите од Европскиот суд за човекови права оцениле дека техниките во Литванија не биле толку сурови, но сепак претставуваат мачење. Во центарот „Вајолет“ агентите го чувале осомничениот терорист во сторга изолација, му пуштале гласна музика, силна светлина и го спречувале да спие.
Парите што ги платила Литванија сега се на сметка на Абу Зубајдах, до која тој нема пристап, иако Советот за безбедност на Обединетите нации пред две години ја усвои петицијата на неговите бранители и ја одмрзна сметката на „вечниот притвореник“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот