Лидерите на ЕУ се заложија за поголема продуктивност и одржлив и инклузивен раст во цела Европа

Европската Унија е посветена да дејствува решително за да обезбеди долгорочна конкурентност, просперитет и лидерство на глобалната сцена и да го зајакне својот стратешки суверенитет, па затоа ќе се заложи за зголемување на продуктивноста и  обезбедување одржлив и инклузивен раст низ цела Европа, се наведува во заклучоците од денешниот втор ден од Специјален самит на ЕУ, на кој се дебатираше по Извештајот за иднината на единствениот европски пазар, изработен од претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета, пренесе МИА.

– Европскиот совет ќе обезбеди интегриран пристап во сите области на политиката за да изгради робусна, иновативна и еластична економија и да го унапреди единствениот социјален и економски модел на Европа што ќе ја зајакне конкурентната транзиција на Унијата кон дигитален суверенитет на самоопределен и отворен начин и кон климатска неутралност. Зелениот договор има за цел да обезбеди конкурентност на глобално ниво и зголемување на енергетската независност. Ова ќе го зголеми реалниот приход и куповната моќ, со што ќе се подобри животниот стандард за сите граѓани на ЕУ, се истакнува во заклучоците.

Во документот се посочува дека во изминатите 30 години, единствениот европски пазар и неговите четири слободи за движење на капитал, стоки, услуги и луѓе беа моќен двигател на конвергенцијата и растот во ЕУ и нејзините земји членки, промовирајќи на конкурентна социјална пазарна економија, економска, социјална и територијална кохезија и рамноправни услови за игра.

– Во светло на геополитичките тензии и зачестената политика на заштитни мерки преземени од меѓународните партнери и конкуренти, особено со субвенциите, но и како резултат на технолошките и демографските трендови, на Европа и треба промена на политиката за надоградување на нејзините конкурентски потенцијали, се додава во заклучоците.

По завршувањето на Самитот, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел изјави дека иако веќе 10 години учествува на лидерски самити, ова е првпат по многу време да нема само дискусии за конкурентноста и за инвестициите, туку да се донесат конкретни решенија и заклучоци поврзани со инвестициите и инвестициската стратегија.

Според неа, како резултат на фрагментираниот пазар на капитал и финансиски систем на ЕУ, секоја година 300 милијарди евра европски средства се пренасочуваат во странство, главно во САД, кои би можеле да се искористат за развој на компаниите во Унијата.

– Прво, треба да се намалат трошоците за компаниите на пазарите на капитал и за инвеститорите. Второ, да се зајакне и усогласи надзорот на најважните играчи. И трето, да им се даде предвидливост на инвеститорите за прашања како инсолвентноста. Затоа треба да бидеме фокусирани на едноставна европска рамка која додава вредност, ги намалува трошоците и го подобрува пристапот до капиталот за бизнисите во сите региони, рече Фон дер Лајен.

Во однос на цените на енергијата, таа посочи дека тие значително влијаат врз европска конкурентност и со нивно намалување и во исто време со изградбата на нова економија базирана на чиста енергија и користењето на обновливи енергетски извори, ЕУ може да ја направи промена која е неопходна.

Кога станува збор за недостигот на стручен и обучен кадар, според Фон дер Лајен, потребно е да се направат напори за потенцијално привлекување на секое лице на пазарот на трудот, за обуки на младите, за подобар пристап на жените до пазарот на трудот и за поттикнување на легалната миграција.

– Минатата година имавме 3,5 милиони мигранти кои легално дојдоа во ЕУ и се приклучија на нашата работна сила. Тоа е три пати повеќе од илегалната миграција. Значи, колку сме подобри со легалната миграција, толку посоодветно ќе можеме да се бориме против илегалната миграција и шверцерите и трговците со луѓе, истакна Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека е невозможна конкурентност без трговија, особено што „Европа е трговски континент“ и затоа мора да продолжи да работи за отворена и фер трговија која нуди можности за компаниите.

– Благодарение на нашите обединети напори, ЕУ ја преброди Ковид-кризата подобро од кој било друг регион. Невработеноста е на историски најниско ниво, помалку од шест отсто минатиот декември, а вработеноста е на највисоко ниво во историјата на 75 проценти во 2023 година. Инфлацијата се враќа на ниво од речиси два отсто. Така, нашата задача, колективно, е да го консолидираме ова и да го трансформираме во одржлив и долгорочен раст, заклучи Фон дер Лајен.

Инаку, ова е последен планиран Самит на ЕУ пред изборите за членови на Европскиот парламент во јуни. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот