Ленче Ристоска: Дејствијата на поединци да не ја карактеризираат работата на целата институција

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Дејствијата на поединци да не ја каратеризираат работата на целата институција и да се почитува презумпцијата на невиност, побара на денешната прес-конференција обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска. Таа нагласи дека зборува во нејзино лично име, во името на колегите кои стоеја зад неа, како и оние кои се на одмор, но не ја спомена Катица Јанева, за која се шпекулира дека е дел од случајот „Рекет“ кој  беше објавен вчера.

– Сакам да ве уверам дека сме постапувале согласно законските прописи и сме одговориле на задачата за справување со криминалот. Стоиме зад работата што сме ја завршиле, ве уверувам дека сите постапки не се донесени во прашање од причина што и јас и моите колеги може да потврдиме дека нашето постапување било согласно законите. Сакам да ве информирам дека за актуелните случувања изразуваме загриженост, но бараме да се почитува начелото на презумпција на невиност. Секое лице засегнато од криминалитет ваквите активности да ги пријави. Како индивидиу и институција сме отворени за соработка за истраги шти ги водат други обвинителства доколку бидеме контактирани. Сите можни сомненија кои инволвираат поединци не смее да го доведат во прашање интегритет на постапките, работата на СЈО останува, верувам дека и во иднина ќе имаме осудителни пресуди – рече Ристоска.

На прашањето, дали со тоа што не ја споменува во изјавата обвинителката Јанева се оградува од неа, Ристоска рече дека дејствијата на поединци не треба да ја карактеризира работата на целата институција, но треба да се почитува начелото на презумпција.

– Сметаме дека интегритетот на институцијата не е нарушен, апелираме сите случувања да се расчистат што побрзо – рече Ристоска.

Таа потенцираше дека нема информации за тоа каде е денеска Јанева. За оставката на Јанева вработените во СЈО биле информирани непосредно пред таа да биде објавена на интернет страницата.

Ристоска рече дека Јанева се уште формално-правно е прв човек на институцијата, а нејзини заменици се таа и Оливера Јосифовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот