Легендарен аргентински тренер ги разочара сонародниците: Жалам, но Пеле е подобар фудбалер од Марадона и Меси

Едсон Арантес до Насименто Пеле/фото: EPA/MARCELO SAYAO

Легендарниот аргентински тренер одговори на прашањето кој според него е најдобар фудбалер на сите времиња: Пеле, Марадона или Меси и со својот одговор ги налути сонародниците.

Тренерот кој ја предводеше Аргентина до првата титула на Светско првенство, во 1978 година, е познат по својот остар јазик и навиката јавно и отворено да го кажува своето мислење, дури и ако тоа не и се допаѓа на пошироката јавност.

Аргентинските новинари побараа од Меноти да се изјасни кој според него е најдобриот фудбалер на сите времиња, му предложија три имиња, Диего Марадона, Лионел Меси и Пеле.

– Пеле е најдобриот од сите. Тој беше натприродно суштество. Кога беше на својот врв, беше невозможно да се чува. За него тренинзите беа како финале на Светско првенство.  Ми беше задоволство да бидам заедно на теренот со него и да гледам како игра. Пеле правеше работи што ние обичните смртници не можевме да ги разбереме. Немаше мани, можеше да направи сè што ќе посакате. На тренинзите сакаше да биде голман и тогаш не ги користеше рацете туку со ножички ја бранеше топката кога одеше под пречката. Беше неверојатен. Извинете, но не можам да го споредувам Пеле со останатите бидејќи тој е далеку подобар фудбалер од сите. Апсолутно од сите – изјави Меноти и предизвика бура во родната Аргентина.

Луис Цезар Меноти доста добро ги познава и Пеле и Марадона и Меси.

Тој беше одличен фудбалер и репрезентативец на Аргентина, а извесен период играше и со Пеле во Сантос. Тогаш имал можност да тренира со Пеле и да види какви чуда правел и на натпреварите и на тренинзите.

Луис Цезар Меноти и Диего Марадона/фото: EPA-EFE

Меноти во 1978 година беле селектор на Аргентина која триумфира на СП кое се играше во оваа јужноамериканска земја, но пред стартот на Мундијалот беше на удар на јавноста бидејќи не го повика во репрезентацијата тогаш 17-годишниот Диего Марадона.

Тој сметаше дека најголемиот аргентински и светски талент мора да бие трпелив бидејќи тогаш не бил подготвен за настап во репрезентацијата на СП. Иако можеби не беше во право, но испадна дека не погреши бидејќи Аргентина предводена од Марио Кемпес триумфира на СП. Младиот Марадона остана со солзи во очите бидејќи не беше поканет, но на крајот се радуваше на светската титула, а четири години подоцна доби шанса да игра на СП во Шпанија каде не се прослави. Но, Марадона во 1986 година во Мексико ја предводеше Аргентина до втората светска титула.

Меноти добро ги познава и квалитетите и на Меси бидејќи од јануари 2019 година е технички директор на аргентинската репрезентација и во ова својство ќе ја води на Мундијалот во Катар.

Зборовите на Меноти предизвикаа бура во аргентинскиот печат, кој очекуваше тој да застане на страната на Марадона или Меси. Но, тој секогаш имал свое мислење и не го менувал, а тоа најдобро го покажа во 1978 година кога целата нација бараше Марадона да биде дел од репрезентацијата, но Меноти мислеше поинаку и опстои на својот став.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот