Курти: Косово може да придонесе за подобра ЕУ

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер Албин Курти на денешната средба со министерката за европски прашања на Финска, Тити Тупураинен и нејзиниот ирски колега, Томас Бирн, кои ги предводат нивните државни делегации кои се во посета на Приштина, изјави дека Косово и Европската унија „имаат што да си пружат еден на друг“, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средбата во Владата на Косово, Курти изрази задоволство поради посетата на гостите од двете држави членки на ЕУ, во, како што рече, „овие тешки времиња”.

Косовскиот премиер порача дека Косово има потреба од размена на искуства и сестрана соработка, но и дека може да придонесе „за една подобра ЕУ, од аспект на прогресот и одбраната”.

„Среќни сме што ве имаме во Косово во овие тешки времиња, времиња кои нé прават посилни. Имаме многу нешта што можеме да си пружиме еден на друг, искуства, економска, трговска, културна соработка и така натаму. Ние можеме да придонесеме за една подобра ЕУ, од аспект на прогресот и одбраната“, изјави Курти.

Претпладне делегациите на Финска и Ирска имаа средба со косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими, по што на заедничка прес-конференција министрите Тупураинен и Бирн изјавија дека нивните земји целосно го поддржуваат Косово за визната либерализација, како и за зачленување во Советот на Европа и во други меѓународни организации.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот