Крик и повик за спасување

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Недостига организираност и смелост за да се создаде нова „активна и нестрплива надеж“ и да се најде потенцијал и можност за акција од внатре. Таа сила е во нашето обединување и единствено дејствување. Друго чаре навистина немаме!

Нема сомнение дека војната во Украина го потресе светот и на сите ни донесе големи проблеми. Нашава земја стана уште почувствителна и понеотпорна на економските, здравствените, културните и политички влијанија, кои ја ставија во непосакувана и неспокојна состојба. Не вреди сега да се набројуваат и да се анализираат влијанијата што го турнаа животот надолу, ниту, пак, да се анализира (не)успешноста на Владата со мерките да го запре ваквиот тренд на опаѓање на животниот стандард?! Спласна и згасна надежта дека влегувањето во НАТО ќе ни донесе поголем развиток и напредок, а пандемијата и војната ставија точка на сите такви размислувања и очекувања. И ветото за отпочнување на преговорите за влез во Европската Унија од соседна Бугарија стана дегутантна и неподнослива приказна, иако сега има обиди повторно да се реафирмира надежта. Без елаборација на ваквата состојба се наметнува размислувањето за излез од овој „безизлез“?!

Поучени од практиката, граѓаните не им веруваат на објаснувањата и оправдувањата на протагонистите и на дежурните аналитичари, кои сè уште не можат да се ослободат од партиските стеги и апологетството на едната или на другата страна?! Така продолжи да се зголемува јазот помеѓу политичките противници и нивните поддржувачи, а барањето лек во помирувањето, за жал сè уште не е пронајдено?! Попатно, се случуваат неочекувани и непредвидени работи, кои разочаруваат и ја разгоруваат пизмата, а за (не)владеењето на правото и да не зборуваме?! Навистина има најава за целосна пресметка со безредието, со насилството и со криминалот, но таквите „усилби“ оставија впечаток дека нема кој да ги поддржи и да ги стави во функција. Во некои сегменти судството покажа подготвеност за процесирање и реализирање на неколку значајни пресуди, ама тие не само што се капка вода од нашите езера, туку се под сомнение за праведност и вистинитост?!

Насобраното незадоволство, несигурност и очај поради немоќта да се  влијае и нешто подобро да се направи, создава револт, но и индиферентен однос кон случувањата. Оваа мачнина се повторува и трае од избори до избори. Потоа, сè почнува од почеток и повторно се случува истата работа. Носителите на власта, откога ќе го вкусат медот, не можат да ги одлепат рацете и да се наситат и заситат?! Државата е толку разнишана што се стекнува впечаток дека некој намерно ги поткопува и корне корените?!

Работата е дотаму отидена што мора да се притисне алармот за тревога зашто не се води грижа за нашите насушни потреби и основните вековни определби содржани во чувањето и негувањето на нашиот јазик, нашиот идентитет и потекло. Овие главни потпори, не само што не се признаваат, туку се рушат и посвојуваат. Демек, ние Македонците сме народ без корен, без стебло и семе, без свој идентитет, јазик и потекло?! Навистина чудно, дури загрижувачко е ваквото сознание, а сите си седиме со скрстени раце, божем ништо не се случува?!

Се поставува прашањето зошто ги имаме и што прават нашите претставници во Парламентот?! Зарем не знаат дека идентитетот и јазикот се наши неприкосновени права и за нив нема што да разговараме и со кого било да преговараме?! Истото го знае и целата меѓународна заедница, а врз основа на своите демократски принципи Европа е должна да ги брани и заштитува нашите интереси?! Зарем нејзе не ѝ е познат проблемот со Бугарија и зарем таа не знае што сакаат од нас да направат Бугарите?!

Туку, не е толку во прашање ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ, колку нашето понижување, обезвреднување и обезличување?! Како ден е јасно дека не треба да се очекува напредок во сфаќањата, во небулозите и предлозите што ги даваат Бугарите за „решавање“ на проблемите. Уште повеќе за чудење е што досега никој од нив „не знае, не може или не сака“ да им каже на своите граѓани дека никогаш, ама баш никогаш нема да им се оствари сонот санстефански?! Ова треба и на Унијата да ѝ се објасни за да не нè замајува дека нараснала волјата за отпочнување на преговорите за прием, само чека ние билатерално да го решиме проблемот со Бугарија?!

До кога ќе ни се случуваат вакви работи и дали му се гледа крајот на нашето залажување и вртење во затворен маѓепсан  круг?! Всушност, излезот треба да го бараме во темелните промени на нашите вредности, во концепцијата на целите и во нашето однесување. Но, сè уште недостига организираност, храброст и смелост за да се создаде нова „активна и нестрплива надеж“ и да се најде потенцијал и можност за акција од внатре. Таа сила е во нашето обединување и единствено дејствување. Друго чаре навистина немаме! Така сигурно ќе го зачуваме идентитетот и јазикот, а ќе ни остане и зборот и говорот наш македонски, како што ни остави аманет Конески: „Вековно и пеколно безвременски да го чуваме  јазикот свој македонски“. Ова е последно  предупредување и силен крик и повик за справување со нашето разнебитување!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот