Кражбите во трговијата се поагресивни, алармите се придушуваат со фрижидер-кеси за непречен „шопинг“

Фото: EPA-EFE/SEBASTIEN NOGIER

Интересен податок откриваат вработените во продавниците за играчки, кои имаат прецизна статистика дека малолетните лица ги пикираат ситните украси и други дрангулии, а по секоја обиколка на дуќанот наоѓаат празни кеси. Најновиот тренд се таканаречените фрижидер-кеси, кои се двојно поставени и не го пропуштаат звукот на алармите што се поставени на вратите

Како што се намалува стандардот, така кражбите во трговијата стануваат сè поагресивни, а крадците сè поподготвени. Најновата финта за т.н. евтин шопинг се непроѕирните двојни кеси од алуминиум, кои не ги пропуштаат звуците од зујалките и алармните штипки. Со овој метод, како што за „Слободен печат“ брифираат продавачите, тие се немоќни да спречат дури и некој кој што краде зимска јакна!

Искуствата на трговците се различни, па ќе ви кажат дека во дрогериите најмногу се крадат скапи кремови, парфеми и поситни средства за хигиена, односно сè што може да се стави в џеб. Интересен податок откриваат вработените во продавниците за играчки, кои имаат прецизна статистика дека малолетните лица ги пикираат ситните украси и други дрангулии, а по секоја обиколка на дуќанот наоѓаат празни кеси.

Голем проблем се и оние кои ќе земат чоколадо или кекси од рафтот, ја одвиткуваат амбалажата и ќе си ги изедат. За среќа, трошокот од кражбите веќе не се расподелува солидарно врз вработените, кои и онака не може да се пофалат со големи плати, па уште и да плаќаат за она што не го купиле.

– На мета се и лего коцките како еден од поскапите производи, па граѓаните ги отвораат големите кутии и од нив ги вадат комплетите што им требаат. Има и случаи кога постари жени се обидуваат да излезат од продавница со некоја од скапите бебешки колички, кои се блиску до вратите, а кога ќе ги фатиме, се вадат на „сенилност“, односно дека мислеле дека тоа е нивната количка – велат во една голема продавница за играчки во Скопје.

„Слободен печат“ веќе пишуваше дека големи проблеми со кражбите имаат вработените во продавниците за облека во трговските центри. Без разлика што на облеката има мали аларми, кои пиштат ако некој се обиде да го изнесе производот надвор од дуќанот, во соблекувалните често се наоѓаат скршени делови од овие апаратчиња. Најновиот тренд се таканаречените фрижидер-кеси, кои се двојно поставени и не го пропуштаат звукот на алармите што се поставени на вратите. Трговците брифираат дека не се избира производот, па се посегнува дури и по фармерки и зимски јакни.

– Немаат срам ни страв и не се плашат од обезбедувањето кое постојано дежура. Го пикаат посакуваното парче облека во кеса и излегуваат. Некои се опремени со мали клештички за кршење на алармните копчиња, ќе си се облечат, оти камери во соблекувалните не смее да се ставаат заради заштита на приватноста. Ниту смееме да ги бркаме, ниту пак да им проверуваме во торбите – се жалат продавачите.

Во сите поголеми маркети не кријат дека сè повеќе се соочуваат со кражби, но не ги пријавуваат во полиција, особено ако станува збор за паста за заби, сардини, паштети или месни нарезоци, кои се релативно евтини и нема корист да се пријавува во полиција.

– Вработените мора постојано да се на штрек. Камери има, но и тоа не помага. Ако ги фатиме, ги носиме во канцеларија и најдобрата варијанта е ако платат – брифираат дел од трговците.

Калапи сирење и кашкавал, путер, конзерви риба, чоколади и енергетски пијалаци се производите што најчесто се крадат од полиците на маркетите. Нема податоци за колкави количества станува збор и каде завршуваат украдените производи, но дел од трговците за „Слободен печат“ откриваат прецизни податоци според кои во изминатиот период сè повеќе стари луѓе се решаваат да земат храна и да не платат. Дури ќе ви кажат и дека тоа се граѓани меѓу 65 и 80-годишна возраст, кои ризикуваат и в џеб најчесто пикаат сирења, кашкавал и конзерви. Младите, пак, го имаат пикот на чоколадите и на енергетските пијалаци.

Продавници – тврдини

Во последно време продавниците се повеќе наликуваат на тврдини. Многу производи на полиците во аптеките се под клуч, дури и секојдневни работи како дезодоранси, паста за заби, детергент за садови или сапун. Бизнисот цвета за производителите на катанци и кутии, пренесува Си-ен-ен. Американските аптекарски гиганти „Волгринс“ и „Рајт еид“ велат дека проблемот е организираниот криминал – криминалците често крадат производи од продавници, а потоа ги продаваат преку интернет – поради што мораат да заклучат повеќе производи, па дури и да затворат продавници, информира Н1 Инфо. Заклучувањето на полиците на продавниците е последна мерка, но сега се прибегнува кон тоа повеќе од кога било досега. Ова е огромен извор на фрустрација за клиентите, како и за вработените што треба да се шетаат низ продавницата со клучеви во рацете.

„Тоа е исклучително обесхрабрувачки за клиентите“, вели Пако Андерхил, основач на фирмата за истражување на однесувањето Енвиросел.

„И за трговците искуството е брутално. Причината за овој потег е едноставна: Спречување кражба. Продавниците најмногу сакаат да ги заштитат неколкуте клучни производи што им носат најголем профит, вели Адријан Бек, кој ги проучува загубите на мало на Универзитетот во Лестер.

Најмногу украдени предмети во САД се цигари, производи за убавина, лекови без рецепт, алкохол и ленти за избелување на забите.

Компаниите ги спречуваат вработените физички да се обидат да ги спречат крадците бидејќи не сакаат да се доведат во опасност, што значи дека треба да најдат други начини за заштита на стоката. Сепак, алармите не се толку ефикасни како порано: станаа дел од општата бучава во продавниците и често остануваат незабележани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот