Корзото во Ѓорче Петров уште малку, па готово

Во Ѓорче Петров, веднаш до реонскиот парк, се оформи нов јавен простор, односно корзото, чија изградба градоначалникот Александар Наумоски ја најави уште во својата предизборна програма. Целта според него беше, со враќањето на корзото,  со современ изглед и содржини, да се врати стариот дух на Ѓорче.

Деновиве од Град Скопје информираа дека граѓаните на Ѓорче Петров добија ново корзо со економично улично осветлување, поплочено со павер елементи и калдрма, со бетонски жардиниери, нов амфитеатар, како и деловни објекти наменети за угостителска дејност.

– Ова е уште еден нов јавен простор во Скопје за секојдневни прошетки на граѓаните и квалитетно поминато време со најмилите – објавија од Градот.

Граѓаните се со поделени мислења околу изведбата на овој проект – едни сметаат дека просторот е убаво уреден, пријатен за прошетки, но други велат дека во Ѓорче Петров има многу поприоритетни проблеми за решавање отколку изградбата на корзото.

Сепак, корзото сѐ уште не е докрај завршено и не е пуштено во официјална употреба, иако последниот рок за тоа измина во март минатата година.

– Корзото е голем капитален проект, со кој се зафати Општина Ѓорче Петров. Поради корона-кризата, роковите за негово официјално пуштање во употреба се пролонгирани и продолжени, но очекуваме наскоро да биде целосно во функција. Корзото и сега е функционално, поплочено, средено и урбано место, како што доликува за една урбана општина – велат од Општината.

Оттаму објаснуваат дека реализацијата на овој проект се одвива во три фази. Досега се завршени две, а во тек е третата, односно осветлувањето во концентрични кругови што ќе бидат распространети на централната плочка во должина на целата улица, по што од Ѓорче Петров очекуваат корзото да биде официјално пуштено во употреба.

Изградбата на корзото е реализирано со средства од буџетската каса и со заем од Светска банка.

– За првата фаза се вложени финансии од општината во износ од 4.981.939 денари, втората фаза е заем од Светска банка во износ од 14.262.153 денари, а за третата исто од општинскиот буџет во износ од 5.078.945 денари – прецизираат од Ѓорче Петров.

Општина Ѓорче Петров уште во 2018 година објави конкурс за избор на идејно решение за шеталиштето, за дизајнирање четири типски монтажни објекти, за дизајн на улични светилки и канделабри и за дизајн на клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња. Една година подоцна започна изведбата на првата фаза во која се расчистуваше теренот, се отстрануваше калдрмата и бетонските елементи од тротоарите, а се постави и подземна инсталација и се нивелираше земјиштето. Минатата година во рамките на втората фаза просторот е поплочен и раззеленет  и ставена е урбана опрема, па сега останува уште предвиденото осветлување во концентрични кругови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот