КОРОНАВИРУСОТ СЕ ШИРИ И ПРЕКУ ВОЗДУХ: Еве што значи тоа и како треба да се заштитите

Ковид Швајцарија/ Фото EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

Светската здравствена организација пред два дена излезе со мислење дека новиот коронавирус може да се шири и преку воздух, нешто за што претходно предупредуваа научниците ширум светот. И експертите во нашата земја кои активно го следат развојот на настаните поврзани со коронавирусот велат дека ова било и досега јасно и на него требало да се обрне поголемо внимание отколку на ширење на вирусот преку предмети.

– Ова сознание всушност покажува дека вирусот во затворен простор може да се шири и надвор од она што значи директен, близок контакт со заболено лице на помалку од два метри растојание. Ова значи дека ако вие престојувате во некој затворен простор со циркулацијата на воздухот од клима уредот, на пример, може да се инфицирате со вирусот и ако сте пет метри подалеку од заболеното лице, не е потребно да разговарате со него, или да кивне или да се накашла во ваша непосредна близина – вели д-р Никола Пановски.

Тој објаснува дека во изминатиот период покрај директниот контакт како начин на ширење на вирусот пренагласено се акцентираше и можноста за зараза преку рацете.

– На почетокот беше потценета можноста за ширење на вирусот преку воздухот, па беше потценето носењето маски, а се акцентираше миењето на рацете. Сега станува обратно – вели Пановски и додава дека покрај носењето на маски треба и почестото да се проветруваат затворените простории.

Но сега се уште не е јасно колку долго вирусот може да остане во воздухот и да се пренесува. Некои научници велат дека коронавирусот може да остане со часови во ситни капки во застојан воздух, инфицирајќи ги луѓето додека вдишуваат. Овој ризик е најголем во преполни затворени простории со слаба вентилација и тоа може да помогне во бјаснувањето на настани на супер-пренесување, пријавени во кланици, цркви и ресторани.

Научници бараат од СЗО да ги промени препораките поради докази за воздушна трансмисија на Ковид-19

Не е јасно колку често се шири вирусот преку овие ситни капки или аеросоли, во споредба со ширењето преку поголемите капки кои се исфрлаат кога некое болно лице кашла или кива или кога се пренесува преку контакт со загадени површини.

Аеросолите се ослободуваат дури и кога едно лице без симптоми издишува, разговара или пее.

Светската здравствена организација објави дека има докази за ширење на коронавирусот преку воздух, откако група светски научници предупредија на таа можност.

„Не треба да ја исклучуваме можноста за пренесување на вирусот преку воздух на јавни места, особено каде што има многу луѓе. Ние сè уште треба да ги собереме и да ги разгледаме доказите”, рече претставничката на СЗО Бенедета Алегранци, препорачувајќи проветрување на затворените места и одржување физичко растојание.

„Кога тоа не е можно, тогаш препорачуваме да носите заштитна маска“, додаде таа.

Меѓународна група од 239 научници во понеделникот ги повика СЗО и другите официјални претставници да потврдат дека вирусот корона може да се шири во воздухот и над два метра и соодветно да ги променат упатствата за превенција.

СЗО предупреди и дека епидемијата се уште се шири и не го достигнала својот врв. Досега 11,4 милиони луѓе ширум светот се заразени и повеќе од 535.000 луѓе починале за шест месеци.

СЗО: Признаваме, се појавуваат докази за пренесување на Ковид-19 преку воздухот

СЗО: Епидемијата се засилува, пикот на пандемијата сѐ уште не е достигнат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот