Конвенцијата за статусот на бегалците слави 70 години, благодарение на неа милиони животи се спасени

УНХЦР Фото МИА

Конвенцијата за статусот на бегалците е основа за меѓународна заштита на луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови и не е застарена, туку денес е поважно од кога било да се заштитат нејзините принципи, бидејќи во спротивно милиони луѓе ќе ја платат цената, соопшти Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) на одбележувањето на нејзината 70-годишнина.

– Конвенцијата продолжува да ги штити правата на бегалците низ светот, изјави Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци, на одбележувањето на 70-годишнината од усвојувањето на основачкиот документ на УНХЦР.

– Благодарение на Конвенцијата, милиони животи се спасени. Седумдесет години по усвојувањето, исклучително е важно меѓународната заедница да ги брани нејзините принципи, истакна Гранди.

Тој изрази загриженост поради фактот дека во последно време одредени држави се обидуваат да ги игнорираат или заобиколат начелата на Конвенцијата.

Тоа го прават преку низа постапки – од илегални протерувања и повратни удари на бегалци и баратели на азил на копнени и морски граници, до предлози за присилно преместување во трети земји, каде што ќе чекаат да се процесираат нивните барања без соодветни гаранции.

– Конвенцијата јасно ги дефинира правата на бегалците, кои се обврзувачки и денес, во контекст на тековните и досега невидени предизвици и вонредни ситуации, како што е пандемијата на Ковид-19, нагласи Гранди во својот говор.

И во Конвенцијата за правата на бегалците од 1951 година и во поновиот Глобален договор за бегалците, се повикува на меѓународна соработка за изнаоѓање решенија за бегалците.

Гранди ја истакна потребата меѓународната заедница да се придржува кон клучните принципи за заштита на бегалците утврдени во Конвенцијата, вклучително и правото на лицата кои бегаат од прогон да не се враќаат во областите каде што се изложени на опасност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот