Конфискацијата останува главен аргумент на владата, за експертите спорно е досегашното нерешавање на предметите на СЈО

Министерката Јованка Тренчевска и директорката на Акедемијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Скопскиот кривичен суд вчера рочиштето за предметот „Тарифа“ беше одложено поради целисходност на постапката со оглед дека стапуваат на сила новите измени на Кривичниот законик, информираа од Коалицијата „Сите за правично судење“. Овој предмет е еден од 15-тината високопрофилни предмети во кои се вмешани високи функционери од поранешната власт за кои според новите измени во Кривичниот закон би настапила застареност.

Предметот Тарифа го отвори поранешното СЈО и во него обвинет поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Со последните измени во Кривичниот закон се укина став 5 од членот 353 кој предвидуваше затворски казни од минимум 5 години за функционери кои вршеле злоупотреби при јавни набавки на штета на државниот буџет како и злоупотреби од јавни фондови. Стручната и судската фела веќе реагираше дека по овој основ и според другите донесени измени ќе застарат голем број предмети покренати од СЈО и од Јавното обвинителство, откако со години останаа заглавени поради неефикасното судство и обвинителство.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска презентирајќи го својот став за измените во Кривичниот закон се огради дека не е правник, па смета дека треба да се остави времето да покаже дали овие измени ќе придонесат за поефикасно и поажурно судство, а фокусот треба да биде на конфискацијата на имотот стекнат со злоупотребите при вршење на службена должност.

– Од страна на едни експерти беше кажано дека се во добра насока измените, а дел од правната фела ги критикуваа измените. Во еден дел во делот на конфискација на имотот мислам дека се во добра насока измените коишпто гарантираат дека се она што е стекнато нелегално ќе биде конфискувано и ќе биде вратено кај граѓаните. Од друга страна она што беше предмет на критики, од страна на министерството за правда и од страна на владата и дел од експертите коишто ги поддржуваат измените укажуваат дека нема да дојде до застарување на делата туку напротив до поефикасно судство и поголема ефикасност во работењето на предметите и ќе бидат опфатени со измените на Кривичниот закон. Да оставиме експертите да го кажат своето и да оставиме времето да покаже дали оние рекации коишто се негативни навистина се оние коишто ќе предонесат кон неефикасно судство, нагласи Тренчевска.

Претседателката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска во контекст на измените во КЗ потенцираше дека тие не треба да се гледаат изолирано во однос на она што се случувало во претходниот период. За неа е поважно што и после толку години од отворањето на случаите со злоупотреба на службена положба се уште не се завршени, а од друга страна и затворските капацитети се преполнуваат па се правеа и амнестии за ослободување на простор во затворските установи.

– За мене е вистинското прашање зошто толку години поминаа, а имавме толку малку завршници на сите оние дела коишто нбеа покренати, дали од СЈО или од регуларното обвинителстово. Мислам дека навистина е тоа за коепто треба да се анализира и да се позабават малце и Судскиот совет, Советот на јавни обвинители околу постапките за она што се случуваше. Да потсетиме дека во минатото дури имаше и амнестија за да се испразнат затворите и нивната пренатрупаност. Пенетенцијалниот систем не може да ги покрие сите оние потреби коишто реално имаа ако веќе сите сакаме да одат во затвор. Сите елементи прават некоја целина којашто мора да се анализира објективно и да се види што е и како е. Вака земаме еден сегмент во време паушално, сега се случија овие измени, да ама кои беа состојбите претходно и зошто не функционираат, за мене е тоа вистинско прашање, рече Габер Дамјановска.

Со донесувањето на измените на Кривичниот законик ќе се овозможи застарување на 14 судски предмети во кои се обвинети над 80 лица, според проценките на Коалицијата „Сите за правично судење“, што ја објави денеска на фејсбук, притоа напоменувајќи дека во оваа евиденција не се земени предвид случаите кои во моментов се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), реагираше Коалицијата „Сите за правично судење“.

Според Јавното обвинителство ќе пропаднат најмалку 40 нови предмети против актуелни и поранешни функционери за злоупотреби при јавните набавки што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги води согласно став 5 од член 353 од Кривичниот законик.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот