Компанијата „У Пауер“, чиј сопственик го нападна Бислимоски, го раскина договорот со Град Скопје

улична светилка
Компанијата „У Пауер“ во сопственост на Аријант Џафери, кој неодамна го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, го раскина договорот со Град Скопје за снабдување со електрична енергија, Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Компанијата „У Пауер“ во сопственост на Аријант Џафери, кој неодамна го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, го раскина договорот со Град Скопје за снабдување со електрична енергија. „Слободен печат“ се обиде да дознае дали раскинувањето на договорот е последица на тепачката за која Џафери доби и кривична пријава за насилство.

Од Град Скопје не сакаа да изнесуваат детали, само кратко одговорија дека договорот е раскинат еднострано, на иницијатива на компанијата на „У Пауер“.

-Компаннијата „У Пауер“ на први октомври еднострано го раскина договорот со Град Скопје за снабдување со електрична енергија. Договорот со Град Скопје беше потпишан во април 2021 година, по претходно распишан јавен повик. Цената на договорот беше за висока тарифа 4,029 денари без ДДВ за киловат-час и за ниска тарифа 2,37 за киловат-час без ДДВ.Образложението за раскинување на договорот е најавеното поскапување на електричната енергија – објаснуваат од Градот.

Оттаму смируваат дека Скопје нема да потоне во мрак поради прекинот на договорот.

-По раскинувањето на договорот со компанијата „У Пауер“ на 01.10.2021 година, Град Скопје во овој момент се снабдува со електрична енергија од Снабдувач во краен случај, согласно Законот за енергетика и Правилата за снабдување со електрична енергија – дополнуваат од Град Скопје.

Очекувањата на градските власти се дека новиот договор ќе значи повисока цена на струјата.

– Во моментов не можеме да дадеме проценки за висината на новиот договор и колку ќе се плаќа за електрична енергија во 2022 година, истото зависи од поголем број фактори, но генерално се очекува повисока цена поради состојбата со енергетската криза – велат од Градот.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски вели дека сѐ уште не е одземена лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата „У Пауер“ иако за тоа беше покрената постапка уште на 23 септември.

– Јас не се повлекувам, иако добив директна закана и бев лично нападнат од сопственикот на фирмата „У Пауер“. Одземањето на лиценцата е процедура која одзема време, се доставуваат документи, го следиме случајот. Во секој случај раскинувањето на договорот со Град Скопје не е никако поврзан со нашиот случај и процесот на одземање на лиценцата. Но, кога тоа ќе се случи по автоматизам ќе се прекинат сите договори кои претходно си склучила компанијата – одговори Бислимовски.

Причина за постапката за одземање на лиценцата на „У Пауер“ е пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот