Кој ќе биде нов државен обвинител: Бубевски, Стефанова или некој трет на местото на Јовески?

Фото: МИА

Фатиме Фетаи дури на крајот на декември ќе ги исполни законските услови за кандидатура за таа позиција, а изборот ќе се прави во ноември или порано, ако актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески конкурира за уставен судија

Актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески неодамна ги потврди шпекулациите дека сака да биде дел од Уставниот суд, каде што наместо редовните девет, во моментов има само шест уставни судии. Кон крајот на мај годинава им завршија деветгодишните мандати на уставните судии Елена Гошева, Сали Мурати и Никола Ивановски, а нови не се избрани. Претседателката на судот Дoбрила Кацарска неколкупати јавно порача да се побрза со изборот, за судот да има полн капацитет.

Засега Јовески нема поднесено до Собранието на Македонија барање да му престане функцијата, а неговиот редовен мандат завршува во ноември годинава. Но, без оглед кога би дошло до неговиот евентуален трансфер во Уставниот суд, во партиските кујни веќе започнале лобирања за наследник на обвинителот Јовески.

Од СДСМ брифираат дека на оваа важна функција потребно е да биде именуван обвинител со сериозен бекграунд, биографија без петно и со углед меѓу колегите. Од ДУИ за „Слободен печат“ велат дека овој пат би било добро функцијата да ја добие обвинител од албанскиот етникум. ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека „СДСМ го наградува Јовески со позиција во уставниот суд во земјата поради заштита и прикривање на нивниот криминал“ и очекува дека власта повторно на таква функција ќе се обиде да стави „подобен“ обвинител.

Меѓу посериозните кандидати за нов државен јавен обвинител се споменуваат имињата на обвинителите Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова, Сашо Рајчев и Бурим Рустеми. Нивната колешка Фатиме Фетаи дури на крајот на декември ќе ги исполни законските услови за кандидатура за таа позиција, а изборот ќе се прави во ноември. Нејзината кандидатура може да дојде предвид само ако од некои причини изборот на јавен обвинител се одолговлечи.

Актуелниот обвинител Гаврил Бубевски според неофицијални информации ќе учествува и во „трката“ за шеф на скопското ОЈО. За функцијата главен скопски обвинител има уште двајца заинтересирани обвинители, чии имиња не ги дознавме. За овие тројца кандидати, во Советот на обвинители веќе пристигнале оценки, па сега би требало да се одржат и интервјуата, по што на седница ќе треба да се направи и изборот. За разлика од локалните обвинителства, каде што шефовите ги избира Советот на јавни обвинители, државниот обвинител се избира во Собранието, со најмалку 61 глас. Претходно предлозите за иден државен обвинител треба да бидат прифатени од собраниската Комисија за избор и именување.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов вели дека имињата на кандидатите ќе бидат познати кога до Комисијата ќе пристигнат кандидатурите.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот