Коалицијата Вреди го потсети Османи на случајот „Пациент“, тој вели дека случајот е затворен и нема обвинение

Бујар Османи - министер за надворешни работи /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Кандидатот за претседател на државата Бујар Османи смета дека коалицијата „Вреди“ нема теми и креативност во изборната кампања и затоа „зборуваат за стари и отворени прашања“. Во одговор на новинарско прашање тој реагираше на изјавата на кандидатот за претседател на државата од „Вреди“ Арбен Таравари кој на прес-конференција денеска праша дали Албанците заслужуваат кандидат за претседател за кого Специјалното јавно обвинителство во 2016 година отворило предмет „Пациент“.

– Тоа е истрага почната од обвинител кој денеска е во затвор и е на црната листа на САД. Самото Обвинителство го има затворено веднаш тој предмет и немало ни обвинение затоа што е проценето дека изградбата на болницата во Тетово била согласно законите и дека не само што не е направена штета туку, напротив, е заштитен интересот на државата. Така што немало ниту обвинение туку обид за политичка дискредитација од човек што денеска е на американска црна листа, што очигледно зборува дека имало руско мешање во тој обид за дискредитирање. Апсолутно нема врска ова прашање. Тие веќе изгубиле идеи и креативност во оваа кампања исплашени од големиот пораз, изјави Османи одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница.

Додаде дека иако не се занимава со другите во изборната кампања ќе му контрира на противкандидатот Таравари со прашањето за легитимитетот во Алијанса за Албанците.

– Одлуката на судот дека, сепак, мојот противкандидат нелегално се обиде да ја узурпира партијата го прави малку проблематичен и недостоен за кампања. За такви прашања треба да разговараме, за кои има судски одлуки, а не за овие прашања, рече Османи.

Коалицијата Вреди претходно на прес-конференција потсети на 2016 година, на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на случајот наречен „Пациент“. Според нив, во овој случај како прв и единствен обвинет Албанец се издвојувал токму портпаролот на ДУИ, а сега кандидат за претседател Бујар Османи.

– Во истрагата постоеше засновано сомнение за злоупотреба на службената положба на министерот за здравство, како и овластувањата на службените и одговорните лица во тендерските постапки за градежни работи, при што постоеле сомнежи дека бугарската компанија ГБС Благоевград беше фаворизирана иако имаше неколку поповолни понуди од други компании, во повеќе здравствени установи во земјава, меѓу кои и гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир. Вредноста на тендерот изнесуваше над 2 милиони евра, се вели во соопштението.

Прес-конференцијата се одржа пред Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје со цел, како што велат, да пренесат порака дека не забораваат.

– Овде сме собрани, жени, мајки, сестри, ќерки да го обелодениме овој скандал, каде денешниот кандидат за претседател е обвинет за финансиска злоупотреба во овој за нас свет објект и каде секој ден се породуваат нашите ќерки, нашите сестри, нашите пријателки. Замислете до каде оди лакомоста на овие луѓе за пари, злоупотребуваат милиони евра од местото каде што се пораѓаат сите мајки од Скопје и пошироко! Јавно прашуваме, дали Албанците заслужуваат ваков кандидат за Претседател?, стои во соопштението.

Од Коалицијата наведуваат дека никогаш нема да го заборават случајот наречен „Пациент“.

– Можеби партизираните судови на Артан Груби го пикнаа овој случај во некој ќош, но доаѓа време за одговорност за направеното, но и за тие кои го криеја случајот. Замислете, овие милиони можеа да бидат кревети за мајки, опрема за гинеколози, работа за медицински сестри, подобри услови за бебиња. Овие злоупотребени пари можеа да бидат буџетски средства за да се донесат решенија за тие над 1700 вработени во здравството кои се со договор на дело, и никако не можат да добијат решенија за работа, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот