Книжевни паралели: Во белите мугри на македонската државност – Ацо Шопов за Кочо Рацин

Ацо Шопов во 1967 година, фотографија: Душан Ѓоргон / Портрет на Кочо Рацин од Перо Коробар

Одржувањето на традиционалната манифестација „Рацинови средби“ во Велес е повод да се потсетиме на неколку значајни јубилеи што ќе се одбележат оваа година, но и на односот на Ацо Шопов кон Рациновото дело.

Една од главните поенти на беседата што Ацо Шопов ја изговорил пред точно шеесет години, во Велес, на првиот собир на македонските писатели по повод дваесет години од смртта на Кочо Рацин, предвесник на традиционалните „Рацинови средби“, кои штотуку се одржаа во родниот град на Рацин, гласи:

„Рациновите ’Бели мугри‘ претставуваат значајна појава во нашата културна историја не само поради своите уметнички квалитети, туку и затоа што во времето на своето појавување се наметнуваат и како врвен уметнички израз на нашата национална свест, на националната индивидуалност и посебност на нашиот народ.“

Во рамките на манифестацијата оваа година Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Советот за македонски јазик организираа научна конференција на тема „Рацин меѓу Мисирков и Шопов“, одбележувајќи на тој начин повеќе јубилеи: 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Мисирков, 80 години од смртта на Кочо Рацин и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Имав можност, како ќерка на Шопов, да земам збор на конференцијата и да споделам со учесниците некои од размислите на татко ми во врска со Кочо Рацин. Многу малку луѓе знаат во колкава мера татко ми беше приврзан за ликот и делото на Кочо Рацин, особено за „Бели мугри“, кои го изразуваат, според него, „копнежот за национална слобода“ и за „полна творечка слобода“, a пред сè, ја докажуваат „неминовноста на еден историски процес, одречуван и спречуван, но сепак остварен“.

Шопов не пропуштал можност, кога пишувал за македонската литература и кога се борел за нејзиното место под југословенското сонце, но и кога зборувал за себе и за својата поезија, а да не каже кој бил Рацин, кое е неговото незаменливо и неприкосновено место во развојот на современата македонска литература и што значи тој за нашата нација, воопшто.

Впрочем, кога во 1951 година ја основал втората македонска издавачка куќа, Шопов не случајно ја именувал „Кочо Рацин“, сакајќи на тој начин да го овековечи името на авторот на првата книга објавена на македонски јазик што имал среќа да ја држи во своите раце, во времето кога тој јазик „не беше признаен и се сметаше, официјално, за нелитературен јазик, за дијалект на српско-хрватскиот јазик“, како што изјави во едно подоцнежно интервју.

„Единствени мои учители во однос на поезијата беа народната песна и Кочо Рацин“, вели тој во една друга прилика, евоцирајќи ги своите „почетоци и први зачекорувања во предворјето на поетскиот збор“, а во друга: „Јас почнав да пишувам пред самата војна и тоа на македонски јазик, но тоа беше нелегално пишување литература. Потоа почнав да творам под силно влијание на Кочо Рацин, за кого и денес мислам дека е голем поет.“

Ракопис од беседата „Кочо Рацин денес“ на Ацо Шопов, изречена во Велес во 1963 година

Во беседата „Кочо Рацин денес“, изречена во Велес во 1963 година, на густо испишани шест и нешто повеќе страници, Шопов продлабочено расправа за етичките и естетските карактеристики на Рациновата поезија, во која – убедена сум – ги препознава своите лични етички и естетски преокупации. Шопов не беше од оние поети што сметаат дека сè почнува и завршува со нив, или, со негови зборови кажано, што „растат по принципот: пред мене − ништо, по мене − пак ништо“.

Тој пред шеесет години, во Велес, говореше за Рацина со љубов, пиетет и вдахновеност, онака како само еден голем поет може да зборува за друг голем поет, не плашејќи се да расте под неговата сенка. „Не е залудно враќањето на текстовите од поблиското и од подалечното минато“, пишува тој во еден друг текст за Рацина, потсетувајќи ги тогашните и, индиректно, сегашните генерации, дека тие текстови одговараат на „многу прашања што и ден-денес нѐ мачат“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот