Книжевна награда „Пегаз“ за романот „Зелениот дворец“ на Сибо

Авторот Сибо со наградениот роман / Фотографија: Татјана Ранташа

Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2022 година и промоцијата на победничкиот роман – „Зелениот дворец“ од авторот Сибо, се одржаа на 26 април во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Една од најтаинствените градби во Скопје, зелената куќа-дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа мистерии и легенди, е главната инспирација за приказната во новата книга „Зелениот дворец“ од авторот Сибо, кој е добитник на наградата „Пегаз“ за 2022 година.

На промоцијата на романот присуствуваа членовите на жирито во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“). Промотор на книгата беше писателката Јана Мишо.

Промоцијата се одржа во Галеријата на МКЦ во Скопје / Фотографија: Татјана Ранташа

По врачувањето на плакетата, авторот Сибо истакна дека е поласкан што ја добива наградата за најдобар необјавен роман – „Пегаз“.

– Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сѐ што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга, можеби, не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов, ниту за нечиј живот. Но, приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак, е блиску до нас. Ова е роман за Скопје и за неговите животи, за физичката формула за љубовта. И секоја врска меѓу луѓето, градбите, различната хронологија и различните димензии, дури и различните жанрови што се испреплетени во оваа приказна ги врзува една емоција. „Се случило, ама не се случило“ – или со дијалектот од приказната „се десило, ама не се десило“…

На крајот, би сакал да се заблагодарам на секој иден читател. Еднакво ми значи како и првите читатели, од најблиските. Поласкан сум дека наградата „Пегаз“ ја добивам од реномираните писатели Владимир Јанковски и Елизабета Баковска, заедно со уредничката Бисера Бендевска, на писателката Јана Мишо и, секако, на мојата матична куќа „Арс Ламина“ со директорката Бранка Бугариска за довербата во мојата работа уште многу пред да стигнат наградите – изјави Сибо.

Романот „Зелениот дворец“ е временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во минатото и во сегашноста. Образложението на жирито за одлуката „Зелениот дворец“ од Сибо да ја добие наградата „Пегаз“ го даде Владимир Јанковски.

– Основната наративна нишка на романот на Сибо ја сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје. Книгата тргнува од познатата, речиси, архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти.

„Зелениот дворец“ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот. Станува збор за динамичен роман, со прецизно исцртани ликови, натопен со хумор и иронија, но и интензивни емотивни сцени – образложи Јанковски.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција, посочија од „Арс Ламина – публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 176, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29.04.-01.05.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот