Книжевен превод: Девет приказни за далматинските „галеби“

Во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“ е објавен романот „На осамениот брег покрај морето“ на современиот хрватски писател Зоран Фериќ. Преводот на романот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски, а дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.

– Романот „На осамениот брег покрај морето“ е составен од девет приказни, чии главни ликови се легендарните далматински „галеби“, тие сурови ловци на женски срца и тела, еден вид заштитен знак на југословенските летувалишта во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Сместен на островот Раб, романот ги следи судбините на неколку (анти)херои и нивните многубројни „подвизи“ на горчливо-духовит начин, специфичен за делата на Зоран Фериќ. Но, покрај машките ликови, слободно може да се каже дека поважни се блескаво разработените женски ликови, локални жителки и туристки, зашто тие ги диктираат нештата и околу нив се врти сѐ – откриваат од „Или-Или“.

Зоран Фериќ (Загреб, 1961) дипломирал југославистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Раскази објавува во списанија и весници од 1987 година, но првата збирка раскази, „Стапицата за глувци на Волт Дизни“ ја објавува во 1996 година. Десет години подоцна за неа ја добива наградата „Декада“. За втората збирка раскази, „Ангел во офсајд“, објавена во 2000 година, ја добива наградата „Ксавер Шандор Гјалски“ и наградата „Јутарњи лист“ за прозна книга на годината. Од 2003 до 2015 ги објавува романите „Смртта на девојчето со кибритчиња“, „Децата на Патрас“, „Календарот на Маите“ и „На осамениот брег покрај морето“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот