Какво иска Блгарија от нас Македонците!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

„Договорот е потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официланите јазици на Договорените страни- МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, согласно Уставот на Република Македонија и БУГАРСКИ ЈАЗИК, согласно Уставот на Република Бугарија“.

-Навистина сум зачудена што овој меморандум се доживува како нешто изненадувачко. Немаме ништо против македонските граѓани да се самоопределат како сакаат. Имаме Договор во кој има клаузула за јазикот и сакаме така да се третира. Немаме никакви нови претензии, изјави Захариева по средбата со нашиот Бујар Османи.
Но фактите говорат дека не е така. Имате нови претензии госпожо Захариева.
Како прво манипулирате со клаузулата за јазикот. Имате две клаузули, на која мислите кога говорите пред нас, а на која зад нас. Во оригиналниот меѓудржавен договор на кој се повикувате, јазичната клаузула гласи:
„Договорот е потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официланите јазици на Договорените страни- МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, согласно Уставот на Република Македонија и БУГАРСКИ ЈАЗИК, согласно Уставот на Република Бугарија“.

Но во преговарачката рамка се обидувате да го избегнете тоа што веќе сте го признале во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, а тоа е -МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК.
Имено во Изјавата во однос на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ велите:
-Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета дека претставува признавање од страна на бугарската страна на постоењето т.н. „македонски јазик“, како различен од бугарскиот.
Бугарската страна сака да ја натера ЕУ во документите да ја употребува само синтагмата „службен јазик на Република Северна Македонија“!

Ноторна фраза во секоја официјана и неофицијана комуникација комуникација со било кој Бугарин е „Ние сме с,шти хора“, а јазикот бил „един јазик“.
Зошто тогаш не можеме да се РАЗБЕРЕМЕ.

Какво това иска од нас Македонците „мајка“ Блгарија?

Како да се кажуваме кога ќе аплицираме за ЕУ, како Македонци, македонски граѓани, или како Бугари?  На кој јазик да пишуваме писма до ЕК, на бугарски дијалект? Со која држава сакаме да влеземе во ЕУ, со Македонија или со Бугарија, или со Македонија како Бугарска покраина?

Во Моеморандумот, или во бугарската рамковна позиција поставени се експлицитните услови за одредени фази на пристапниот процес, првата или втората меѓувладина конференција, рамката за преговори, или подоцнежна фаза на преговори.

Во однос на јазикот, Бугарија бара:
„Во случај на апсолутна потреба за користење на терминот „македонски јазик” во документите и позициите на ЕУ, секојпат треба да се додаде фуснота за објаснување „во согласност со Уставот на Република Северна Македонија”.

Но во фуснотата, за која се залага сега Бугарија, не е можно да се „напика“ се што тие би сакале, дека ние сме сега Македонци, ама сме биле Бугари,  дека и сега сме Бугари само кои или не се свесни за тоа, или се отуѓиле од бугарштината, дека говориме т.н. македонски јазик, ама кој бил бугарски дијалект, дека Гоце Делчев бил Бугарин кој се борел и загинал за Македонија, дека Илинденското востание е бугарско, но се одвивало во Крушево, и т.н. и т.н.

Едноставно во една фуснота не ја собира целата бугарска историска дубиоза за Македонија и Македонците.

Но сите овие предрасуди се стари, а оваа бугарска власт е нова. Таа покажа подготвеност да се надминат овие рецидиви од минатото, но како да се уплаши од сопствената храброст и се повлече.
Сега Владата на Бојко Борисов виси како на клатно меѓу желбите за европското однесување на модерна Бугарија која расчистила со навиките од „Балканите“, и старите гревови на општо прифатеното јавно мнение создавано со генерации за супремација над другите нации од Санстефанска Бугарија наваму.
За Бугарија како и за другите држави на Балканот е сеуште несфатлив концептот на мултиетничко општество и нерадо признаваат рамноправност на „другите“, плашејќи дека со тоа „отиде државата“.
Затоа делува незграпно.Со едната рака ти дава, со другата ти зема.

Како и да е, Бугарија се зарече дека ќе ја подржи Македонија на европскиот пат и СИТЕ очекуваат тоа и да го стори. Под „сите“ се разбира спаѓа не само Македонија, туку и Европа, А со Европа нема зае…ција, тоа Бугарија треба да го знае. Ако е дел од истата.

Веќе и го чуствува тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот