Ја јадеме секој ден за појадок, ручек и вечера, а не сме свесни колку ни штети

Фото: Flickr

Ја јадеме секој ден за појадок, ручек и вечера. Ја пиеме. Ја вдишуваме. И сето тоа не ни прави добро.

Станува збор за микропластиката, ситни парчиња пластика во кои се распаѓа сета фрлена пластика и во кои се „рони“ сета пластика што ја користиме за разни намени и во огромни количини.

Како да го спречите внесувањето на микропластика во организмот? Веројатно никако. Но, можеме да си помогнеме со тоа што барем ќе се обидеме да ја намалиме количината на микропластика внесена во телото.

Ви донесуваме неколку совети како да го избегнете внесувањето на ситни пластични честички кои веќе се наоѓаат насекаде, дури и во мајчиното млеко. Особено е вредно практично да се позанимаваме со овој проблем кога се знае дека просечниот човек секоја недела јаде пластика колку една кредитна картичка. GRID-Arendal (норвешки непрофитен комуникациски центар за животната средина) предупредува дека создавањето на микропластика доаѓа од примарни извори (како што се микрозрнцата во пилинзите на лице), но исто така и од секундарни извори, вклучително и разградувањето на поголеми парчиња пластика.

Како, тогаш, може да се избегне, како да се сведе на најмала можна мерка? Со воведување мали, постепени промени кои ја отстрануваат (микро)пластиката од нашите животи.

Купувајте од локални производители

Еден од најдобрите начини да се избегне пластиката започнува со купувањето на локалниот пазар, бидејќи кога купуваме храна од локални одгледувачи, заобиколуваме многу пластика – нема пластични амбалажи, пакувања (храната обично доаѓа во дрвени гајби), нема (не мора да има) пластични ќеси итн. Во нашата земја, таков начин на снабдување е многу подостапен отколку, на пример, во САД.

Користете ќеси (торби) за повеќекратна употреба

Пластичните ќеси ги загадуваат океаните и им штетат на дивите животни, но и не се распаѓаат целосно, туку се претвораат во микропластика. Ќесите за повеќекратна употреба, или корпите, важно е да се користат за сите намирници. Се препорачува да не купувате овошје и зеленчук претходно спакувани во пластика. Истражувањата покажаа дека пластичната амбалажа воопшто не го продолжува рокот на траење на производот, а оваа практика во голема мерка придонесува за загадување со пластика, што доведува до создавање на повеќе микропластика.

Бидете пребирливи кога купувате месо

Иако месото со локално потекло е значително поскапо од она достапно во продавниците, цената би можела мошне да се исплати кога станува збор за намалување на потрошувачката на микропластика. Истражувачите од Vrije Universiteit Amsterdam (VUA) пронашле пластика во крвотокот на кравите и свињите, што довело до откривање на микропластика во животинското млеко и во пакуваното месо. Сите тестирани животни биле хранети со палети и иситнета храна која содржи пластика. Британскиот фармер Ендрју Рок изјавил за „Гардијан“ дека контактирал со производителот откако забележал пластични парчиња во храната за добиток и му било кажано дека „парчињата не се грешка, туку всушност легален дел од процесот на рециклирање што ја претвора отпадната храна, уште спакувана, во добиточна храна.“ Она што го јадат животните чие месо го купуваме може да има директно влијание врз здравјето на луѓето, што е одлична причина да имате некој што знаете дека одгледува добиток или барем месар од доверба.

Побарајте производи кои не се спакувани во пластика

Огромна количина на храна доаѓа на пазарот спакувана во пластика. Дополнително, достапното месо или живината се пакува на послужавници од стиропор. Студијата за пакувањето на храната и рокот на траење покажа дека овие послужавници обично се направени од екструдиран полистирен (XPS), материјал кој ослободува микропластика што потоа тешко се отстранува дури и со плакнење. Во продавниците треба да избегнувате производи со пластична амбалажа и да ги земате оние спакувани во стаклена амбалажа. Тоа не е лесно – разгледајте низ вашата локална продавница и ќе видите дека доминира пластиката. Но, од некаде треба да се почне.

Подалеку од пластичните шишиња!

Да се ​​каже не на пластичните шишиња за еднократна употреба е всушност еден од најлесните начини на кои можеме да ја намалиме потрошувачката на микропластика. Пиењето од пластични шишиња не е толку безбедно како што мислите. Студијата од 2018 година објавена во списанието „Frontiers in Chemistry“ покажа дека 93 отсто од тестираните шишиња со вода биле контаминирани со микропластика. Наместо пластика, подобро е да земете стаклено шише или шише од нерѓосувачки челик.

Без пластични или хартиени чаши за кафе

Пластичните не се безбедни, но ниту хартиените чаши не се најдобриот избор доколку сакате да избегнете микропластика. Повеќето производи од хартија што се користат со течности содржат скриена пластична подлога, од хартиени кутии за млеко до садови за сладолед, хартиени чинии и хартиени чаши. Хартиената чаша што ја земате во вашето локална кафуле има петпроцентна полиетиленска „постава“, дизајнирана да спречи чашата да се распадне додека пиете. За жал, топлото кафе предизвикува распаѓање на облогата, ослободувајќи трилиони наночестички на микропластика по литар (според студијата објавена во списанието „Environmental Science & Technology Journal) најдобар избор е керамичка, порцеланска или метална чаша/филџан (од нерѓосувачки челик).

Чувајте ја храната во стаклен сад

Штетните хемикалии и микропластиката може да се излачат во храната складирана во пластични садови, што доведува до директна консумирација на микропластика. Но, ние често немаме избор и единствена опција ни е да купиме нешто во пластична амбалажа. Во овие случаи, најдобро е да го префрлите производот во стаклени садови веднаш штом ќе го донесете дома.

„Пластична“ риба

Микропластичните честички се премногу мали за да ги запрат филтрите за прочистување на отпадните води. На крајот тие стигнуваат до океанот, каде што се распаѓаат на честички доволно ситни за да бидат изедени од планктонските организми. Оттаму, пластиката се пробива нагоре низ синџирот на исхрана додека не ги загади повеќето риби што ги јадеме. Истражувачите пронашле микропластика во сите примероци што ги проучувале. Додека претходните студии обезбедија докази дека поголемите риби кои се врвни предатори содржат повеќе жива, податоците од новите студии го откриваат спротивното: поголемите риби во целина имаат повеќе микропластика, но помалите риби имаат повеќе микропластика по грам ткиво. Микропластиката, исто така, се таложи и во школките.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот