Извештај: Само 37 отсто од усвоените предлог-закони од Влада биле доставени до ЕНЕР

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Извештајот „Огледало на Владата“ изработен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), покажува дека во 2022 година само 37 отсто од предлог-законите усвоени од Влада и доставени до Собрание биле објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР.

Извештајот покажува дека е влошена состојбата во споредба со 2021 година – 41 процент и 2019 година – 49,6 отсто.

Министерствата не ги објавуваат поголемиот дел од предлог-законите на ЕНЕР. Во 2022 година Владата поднела вкупно 65 предлог-закони до Собранието за коишто имала обврска да ги стави на ЕНЕР. За 24 од нив (37 отсто) претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Заради ова, на јавноста и била скратена можноста да се информира за содржината на предлог-законите. Што се однесува до минималниот периодот за коментирање од 20 дена, тој е испочитуван од министерствата за сите 24 предлог-закони, посочуваат од МЦМС и ГРЦ.

Во Извештајот се констатира дека е намален и интересот на јавноста за коментирање на ЕНЕР. Граѓаните минимално го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка.

– Поставени се 112 коментари за 23 од вкупно 39 предлог-закони објавени на ЕНЕР во 2022 година. Најмногу коментари, вкупно 18, беа оставени за Предлог-законот за критична инфраструктура. По 11 коментари има за измените и дополнувањата за предлог законите за Кривичниот законик, за безбедност на храната и за земјоделското земјиште. Прашање за подлабока анализа е дали причината за намалениот интерес на граѓаните е резултат на недостиг на повратни одговори од министерствата на коментарите на граѓаните. Во периодот на следење, министерствата објавиле 36 повратни одговори на ЕНЕР на вкупно 112 поставени коментари (32 отсто) од граѓаните и граѓанските организации. Повеќе од половина од дадените одговори од министерствата (28) се дадени од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на петте предлог-закони ставени на ЕНЕР од ова министерство, посочуваат од МЦМС и ГРЦ.

Алармантни се и резултатите кои покажуваат заобиколување на консултативниот процес преку изборот на предлагачи. Вкупно 86 од предложените 191 закон (45 отсто) се на предлог на пратениците.

– Собранието на Република Северна Македонија не спроведува консултативен процес за предлог-закони кои се на предлог на пратеници и овластени предлагачи на закони. Така, за значаен процент од предлог-законите се оневозможуваат консултациите со засегнатите страни и подлежат исклучиво на законодавна постапка за донесување на закони. Имајќи го предвид ова, закони кои се од суштинско значење за правното опкружување може да бидат изгласани без јавноста да биде консултирана, нагласуваат од МЦМС и ГРЦ.

МЦМС веќе 10 години ја следи отвореноста на процесите на подготовка на закони. Подготовката на овој Извештај е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ кој е финансиран од Европската Унија.

Покрај годишните извештаи, редовно се објавуваат и неделни и месечни прегледи.

– Целта е да се подобри информираноста на граѓаните и граѓанските организации и да се поттикнат да учествуваат во раните фази на подготовката на законите, велат од МЦМС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот