Извештај на ЕУ агенциите: Европејците се изложени на штетна хемикалија, предизвикува опасни болести

Фото: Flickr

Европејците се изложени на нивоа на синтетичката хемикалија бисфенол А (БПА) кои ги надминуваат прифатливите нивоа на здравствена безбедност, објави Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Синтетичката хемикалија БПА може да се најде низ цела Европа во пластиката, металните садови за храна и цевките кои се користат за проток на вода за пиење. Дури и ниското ниво може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, покажуваат бројни студии, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).

Оваа хемикалија наиде на одобрение во индустријата на пластиката од причина што има широк спектар на примена, голема издржливост, слабо е запалива, а може да се користи и како електричен изолатор.

Загриженоста за БПА, меѓутоа, не е нова. Така, експертите уште пред 1о години предупредија дека хормонското дејство може да биде проблем, со оглед на тоа што, кога ќе влезе во телото, има ефект сличен на естрогенот, што може да ја наруши рамнотежата на човечките хормони, пишуваше тогаш ДВ.

Здружението за индустрија на пластиката, „Пластикс Европа“, изгуби неколку случаи во Судот на правдата на ЕУ поради нивоата на БПА.

Во март, здружението ја загуби жалбата против Европската агенција за хемикалии (EЦХА), бидејќи таа одлучи дека БПА претставува голема загриженост за животната средина, поради нејзините својства кои го нарушуваат ендокриниот систем.

Овој најнов брифинг на ЕЕА откри дека 92 отсто од учесниците во студијата од 11 европски земји имале БПА во урината.

„Благодарение на револуционерниот истражувачки проект на ЕУ за биомониторинг на луѓето, можеме да видиме дека БПА претставува многу пораширен ризик за нашето здравје отколку што се мислеше“, рекла Лина Ила-Мононен, извршна директорка на ЕЕА.

„Ние мора сериозно да ги сфатиме резултатите од ова истражување и да преземеме повеќе акции на ниво на ЕУ за да ја ограничиме изложеноста на хемикалии кои претставуваат ризик за здравјето на Европејците“, додала таа.

Намалена толеранција

Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) во април ја намали својата проценка за толеранција на дневен внес на БПА од 4 микрограми на килограм телесна тежина, на 0,2 нанограми.

Оваа нова препорака за дневен внес е, значи, 20.000 пати помала од претходната. Агенцијата беше особено загрижена за изложеноста на БПА преку храната, особено кога е во прашање храната од конзерви.

Европската агенција за лекови, која е одговорна за одобрување на лекови, ги оспори новите препорачани нивоа на ЕФСА, наведува „Медикал експрес“.

Критикувајќи ја методологијата на ЕФСА, оваа агенција сугерираше дека ограничувањето е претерано, а како аргумент тие го изнесоа тоа дека „причинска врска не е докажана во студии на животни или луѓе“.

ЕЕА, сепак, заклучи дека изложеноста на луѓето на БПА „е значајно над прифатливите нивоа на здравствена безбедност, според ажурираните податоци од истражувањето, што претставува потенцијален здравствен ризик за милиони луѓе.

Колку е штетна БПА?

Освен што го оштетува имунолошкиот систем, БПА може да ја намали плодноста, да предизвика алергиски реакции и да ги наруши хормоните. Брифингот на ЕЕА се заснова на европскиот проект за биомониторинг на луѓето од јануари 2017 до јануари 2022 година.

Хемикалијата некогаш се користела во производството на шишиња за бебиња, сè додека не беше забранета во Европа, САД и други земји пред една деценија. Меѓутоа, сè уште се користи за правење пластика на некои пакувања, што значи дека повеќето луѓе се потенцијално изложени на неа, додека консумираат храна и пијалаци.

Истражувањата покажаа дека БПА е поврзана со голем број здравствени нарушувања, вклучително и нарушување на хормоните, како и со некои видови на рак. Франција е единствената земја што целосно ја забрани БПА, додека ЕУ и САД ја ограничија нејзината употреба и наведоа дека планираат дополнително да ја намалат.

БПА е пронајдена во урината кај повеќе од 2.700 возрасни лица во 11 европски земји, вклучувајќи ги Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Финска, Германија, Исланд, Луксембург, Полска, Португалија и Швајцарија.

Во Франција, Луксембург и Португалија, сите учесници имале БПА во урината што го надминало безбедносниот праг. Во Полска, 99 отсто имале БПА во урината што ги надминувало тие нивоа, додека во Чешка и Исланд тој процент бил 98.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот