Изложбата во Скопје е поставена во „Мала станица“

Изложбата „Скриеното трето“ оствари дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот

Националната галерија во објектот „Мала станица“ од 3 до 25 октомври ја претставува меѓународната групна изложба „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“ со жени уметници од Македонија, Грција, Србија и Кипар.

Во мај годинава изложбата премиерно беше претставена во галеријата „Арт проект спејс“ во Атина. Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на РС Македонија, и Ники Папаспиру, независна историчарка на уметност од Грција.

Изложбата се развива долж имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Со свои дела на изложбата учествуваат Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду и Елина Јоану.

„Скриеното трето“ претставува проширување на проектот „Присутност/Отсутност“, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот.

– Изложбата „Скриеното трето“ уште еднаш потврди дека уметноста е најсилниот простор на средба – таму каде што различните приказни почнуваат да се слушаат една со друга.

Реакциите на стручната јавност, како и на љубителите на уметноста, беа повеќе одлични – силни емоции, длабоки разговори и искрена возбуда пред делата на уметниците од Грција, Србија, Кипар и нашите македонски претставнички.

Искрена благодарност упатуваме до Министерството за култура и туризам за поддршката и јасната свест дека културната размена е двигател на вистинската регионална соработка.

Особена чест ни беше присуството на Н.Е. г-ѓа Софија Филипидоу, Амбасадорка на Република Грција, чија поддршка – заедно со ангажманот на тимот од Амбасадата – беше од големо значење за реализацијата на изложбата. Изложбата продолжува да живее – а енергијата од ова отворање ќе ја носиме долго – истакнува кураторката д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на РС Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 302, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-12.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот