Изложбата „Душа на платно“ носи оригинален свет на геометриски форми исполнети со жив колорит на бои

Покана за отворањето на изложбата

Во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во Скопје на 13 ноември, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Душа на платно“ на Боре Митовски.

Боре Митовски по потекло е од Македонија, но долги години живее и работи во Словенија. Ова е негова прва самостојна изложба во Македонија на која ќе бидат презентирани над 30 слики изработени во техниката акрил на платно.

Текстот во каталогот за изложбата го напиша неговиот пријател, скулпторот Синиша Новески.

– Сликите на Боре Митовски се изградени композиции во стилот на надреализмот, кубизмот и експресионизмот. Тој во неговите слики на пејзажи и мртви природи гради еден оригинален свет на геометриски форми исполнети со жив колорит на бои. Неговата слика како силна конструкција ја гради со цртеж и разиграни строги линии кои градат одредена перспектива и влез во друга димензија. Геометриските плохи се исполнети со комплементарни бои кои даваат експресивност и виталност во сликата. Уметничката слобода, креативноста и фантазијата градат посебни простори со урбани и природни пејзажи блиски до македонската традиција и фолклор со асоцијација на македонските везови и декорации на народните носии, но со ликовен модерен сензибилитет. Неговиот пристап во сликарството е блиско до витражот поради неговата раскошност и призрачност. Од ликовните елементи тој ги применува линијата, формата, комплементарните бои, текстурата и мелодичниот ритам, кој е во единство со просторот и формите. Неговите слики го имаат медитеранскиот динамичен дух, но сепак стилизиран во некој рационален барокен ред и смиреност. Обидот да прави тридимензионални форми создава илузија на рељефност на сликата. Со овој циклус на слики тој остава впечаток на креативен и сериозен сликар кај кого има потенцијал за интересен креативен ликовен и естетски развој – напиша Синиша Новески.

Уметничкиот центар „Арт хаб“ се наоѓа во ГТЦ, 2 кат, локал 306. Изложбата ќе биде отворена до 23 ноември 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот