ИЗЛОЖБА во Финска: „Личен објект“ од Јане Чаловски поставена во Хелсинки

Македонскиот ликовен уметник Јане Чаловски со самостојната изложба „Личен објект“ се претстави во Кунстхале „Кохта“ во Хелсинки, Финска.

– Поканата за изложбата се случи благодарение на кураторот Андерс Кројгер, кој ги познава мојата работа и творештво повеќе од 20 години. Дијалогот започна од моето дело „Личен објект“ посветено на мојата мајка Билјана Чаловска, а кое беше претставено на заедничката изложба со Христина Иваноска, поставена во Музејот на современата уметност во Скопје минатата година, објасни Чаловски.

Кројгер во својот текст наведува дека „Личен објект“ е изложба за личното и за предметното во која станува збор и за тоа како изложбата, како формат на експериментална артикулација, ги отелотворува трите вида слики според Делез: видливата, читливата и сликата за размислување.

„Личен објект“ од Јане Чаловски во „Кохта“ (Фотографија: Јуси Тиаинен)

Македонскиот уметник Јане Чаловски своето образование го стекнал во САД, Јапонија и Холандија, со своите дела често е присутен на меѓународните уметнички манифестации и изложбени простори, учествувал на „Манифеста 3“ (2000) во Љубљана и „Манифеста 7“ (2008) во Болцано, а заедно со Христина Иваноска беа македонски претставници на Биеналето во Венеција во 2015 година.

Самостојната изложба „Личен објект“, претставена во „Кохта“, е дел од најновата продукција на Чаловски во која се вклучени нови објекти, цртежи и материјали од неговата лична архива, како и селектирани цртежи од неговото творештво во последните 20-ина години. Изложбата „Личен објект“ во „Кохта“ беше отворена на 11 март и ќе биде поставена до 10 мај оваа година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 23, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот