Иванов и Црвенковски ќе мора да му кажат чао на луксузирањето на државна сметка

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) побара да им се укинат привилегиите на поранешните претседатели на државата. Таа соопшти дека само во последната деценија биле потрошени околу милион евра од државниот буџет за кирии, комуналии, службени возила и за вработени во кабинетите на поранешните шефови на државата.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, смета дека за една сиромашна држава каква што е нашата, привилегиите на експретседателите се луксуз кој мора да се преиспита. Само врз основа на кирии, посочи Ивановска, од државната каса месечно се црпат 4.500 евра само за канцелариите што ги користат Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски, а од друга страна, пак, досега не се забележани било какви активности на поранешните претседатели. Според Ивановска, ваквите трошоци се непродуктивни и токму затоа Комисијата бара од Владата да ги раскине договорите за закуп на просториите што ги користат Иванов и Црвенковски, а да им додели канцеларии што се во државна сопственост.

Непродуктивни трошоци

Претседателката Ивановска соопшти дека за канцелариите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов кои се наоѓаат во кулите на „Џеваир холдинг“, државата месечно плаќа по 1.950 евра за 274 метри квадратни. Антикорупциска утврдила дека канцеларискиот простор бил најмен во нетранспарентна процедура од лице кое е во блиски релации со корисникот на просторот, па токму затоа сега бара Иванов да се исели оттаму.

– Претседателот има право на канцелариски простор, без прецизирање дека канцеларискиот простор треба да биде земен под закуп за што претходно треба да се спроведе постапка за избор на канцелариски простор со економски најповолна цена. Со начинот на кој е дефиниран законот, не е исклучена можноста на поранешните претседатели да им се доделува канцелариски простор којшто е во сопственост на државата, без претходно да се плаќа закупнина. Канцеларискиот простор на Иванов е обезбеден во нетранспарентна постапка од лице кое е во блиски релации со корисникот на просторот, со што на сопственикот на просторот му се овозможува стекнување финансиска корист, што е спротивно на законите – изјави Ивановска.

Освен за кирија, Иванов и Црвенковски добиваат и плати за тројца вработени, службено возило и возач. Претседателот на кој му завршил мандатот до крајот на животот добива пензија чиј износ е еднаков со платата што ја добивал додека бил на функција. Сите овие привилегии на поранешните шефови на државата се доживотни.

– Ние не сме виделе какви резултати имаат поранешните претседатели и затоа ваквите трошоци ги сметаме за непродуктивни – заклучи Ивановска.

Таа најави иницијатива до Уставниот суд со цел да се преиспитаат одредбите од законот кои им дава привилегии на поранешните претседатели, а до Собранието ќе поднесат иницијатива да се преиспита времетраењето на правата и привилегиите.

Антикорупциската комисија направила споредба со земјите од регионот и утврдила дека во ниедна од нив нема доживотни привилегии за поранешните претседатели. Во Црна Гора, на пример, на поранешниот претседател му следуваат одредени привилегии 5 години, исто толку години и во Хрватска. Во Србија најмногу шест месеци, а во Словенија најмногу една година.

Анахрон концепт

Политичките аналитичари коментираат дека самиот принцип на доделување доживотни привилегии за поранешните претседатели на државата, односно доживотна пензија во висина на претседателската плата, претставува анахрон концепт што е несоодветен за модерните демократски држави. Како што објаснуваат експертите, практиката на долготрајни привилегии за носители на јавни функции ја компромитира идејата за градење општество како модерна демократија. Тие велат дека не се оспорува моментот да им биде обезбедена заштита на експретседателите по завршувањето на нивниот мандат, но тоа не треба да биде на штета на општеството, односно да не отстапува од принципот на еднаквост пред Уставот и законите.

Поранешниот собраниски спикер, Тито Петковски, вели дека претседателите се луѓе што одреден период стоеле на чело на државата и тие треба да уживаат одредени привилегии, но само ако тие привилегии не преминуваат во луксуз.

– Експретседателите треба да имаат општествено внимание кое го заслужиле со вршењето на својата функција, но сето тоа мора да се одвива во разумни рамки. На пример, треба да му се овозможи на експретседателот да може да патува, да учествува на тркалезни маси и да гостува на регионални форуми, но никако не смее да ужива привилегии ако тој нема никакви активности. Сметам дека бенефициите што сега ги уживаат експретседателите се преголеми и прелуксузни. Сведоци сме на неодговорно трошење на државните пари само затоа што некој некогаш бил на висока функција. Ние имаме голем број луѓе од науката, од културата и од спортот, кои целата своја кариера ја посветиле на Македонија, а сега не добиваат ниту една бенефиција – објаснува Петковски.

Бенефиции во земјава не добиваат само поранешните претседатели кои останале на функција до крајот на мандатот, туку и претседателот што трајно е спречен да ја врши функцијата пред истекот на својот мандат. Ако поради здравствени причини претседателот престане да ја врши функцијата, тогаш тој веднаш ги добива привилегиите независно дали функцијата ја вршел еден ден или подолго време. Токму затоа, наведуваат политичките аналитичари, секогаш е огромна желбата по секоја цена да се освои претседателската функција.

Освен за поранешниот шеф на државата, Законот за претседател предвидува бенефиции и за неговото семејство, особено ако во текот на мандатот претседателот почине. Па така, покрај пензијата што доживотно ќе ја добива првата дама во износ од 70 отсто од платата што ја добивал нејзиниот сопруг, предвидена е и сопственост на градежно земјиште и станбен простор до 300 метри квадратни.

Шкариќ: Законот мора да се укине

Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ во една своја анализа подвлекува дека поранешните претседатели на Македонија имаат привилегии непознати за мала и сиромашна држава.

„Бенефициите на експретседателите на земјава се воведени се набрзина, на мала врата, со обичен закон. Како последица на тоа, Македонија е две децении во парадоксална состојба. Од една страна, претставува „златна земја“ (Елдорадо) за поранешните претседатели и нивните семејства, а од друга, граѓаните се дават во екстремна сиромаштија. Законот треба да се укине оти поттикнува клиентелизам, корупција и крадливи навики во општеството“, пишува Шкариќ.

СДСМ: Иванов и во пензија се однесува расипнички

Додека актуелните носители на јавни функции штедат и значително ги намалуваат трошоците, Ѓорге Иванов, човекот кој ја извршуваше функцијата претседател, дури и во пензија продолжува со расипничко трошење на парите од Буџетот, реагираше владејачката СДСМ.

Според партијата, срамно и неодговорно е Иванов да ја демантира ДКСК и да тврди дека не плаќа месечен закуп од 4.500 евра, туку само 1.950 евра.

„Дури и да се земе предвид само закупнината, повторно се гледа расипништвото на Иванов. Ако се погледне во Алатката за отчетност, за месец мај 2019 година, вкупните трошоци во ставката Закупнина за стан за фунционери кои живеат надвор од Скопје, изнесува 157.760 денари и се однесува за седум носители на јавни функции, или просечно по 22.537 денари по лице, што во споредба со трошокот на Иванов од 120.000 денари е петпати помалку“, наведено е во соопштението на СДСМ.

Кабинет на Иванов: Антикорупциска ја манипулира јавноста

Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов соопшти дека договорот за користење простории за канцеларија на поранешен претседател следува врз основа на Законот за правата на Претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата и дека претседателката на ДКСК изнела невистини и свесно се обидела да манипулира со јавноста.

„Во договорот јасно се гледа дека висината на закупнината на целосно опремен простор изнесува 1.950 евра месечно, а не како што беше прикажано дека е 4.500 евра. Очигледно е дека личниот анимозитет и политичките ставови на поранешниот претседател се единствената причина за континуираниот обид за нанесување штета на неговиот углед“, пишува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот