Истражувањето покажа: Не менувајте го матичниот лекар ако сакате подолго да живеете

Фото: Профимедиа

Посетите на ист матичен лекар низ период од најмалку 15 години ја намалуваат можноста за смрт во текот на следните 12 месеци за една четвртина, во споредба со луѓето што го познаваат лекарот пократко од една година, покажало големото истражување.

Две лица, пациент и лекар, се среќаваат за првпат во животот, во потполно нерамноправен однос. Веќе по првите зборови, од пациентот се очекува да зборува за работи што делумно се доживуваат како приватни или интимни. Ретки се луѓето кај кои чувството на непријатност би го надвладеало чувството на грижа за сопственото здравје.

Градењето долготраен однос со лекарот го намалува ризикот од хоспитализација поради неколку болести, вклучувајќи ги болестите на срцето и дијабетесот, открило истражувањето објавено во британското списание „Приватна практика“.

Пациентите што имале ист матичен лекар 15 или повеќе години имале 30 отсто помала веројатност дека ќе им бидат потребни здравствени услуги надвор од работното време, а 28 отсто е помалку веројатно дека ќе бидат примени во болница. Предностите се зголемуваат со тоа колку подолго пациентот го познава својот лекар, тврдат норвешките научници што стојат зад ова истражување.

– Ако го напуштите матичниот лекар што сте го имале повеќе од 15 години, ризикот од потреба за прием во болница или за смрт значајно се зголемува следната година – толкува проф. Хогне Сандвик од Универзитетот во Берген.

Стручњаците веруваат дека причината би можела да биде таа што пациентите градат доверба со еден лекар од општа практика, не мора да ја повторуваат својата приказна, се чувствуваат безбедно во разговорот со истиот лекар и полесно се снаоѓаат во здравствениот систем.

Новата студија се темели на податоците од околу пет милиони пациенти во Норвешка.

Истражувачите анализирале колку долго пациентите биле пријавени кај ист матичен лекар, споредувајќи го тоа со стапката на прием во болница и смртните случаи во 2018 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот